Иванов: Ние сме антифашистичка средина, а дозволивме фашизоидни провокации помогнати од Софија

од Nikola Popovski
370 прегледи

Ние сме ужасно тромави како систем кој прво треба да превенира, а потоа да ги санира последиците. Нашите власти предолго се тегавеа на релација „демократија“ и „фашизам“ или барем некоја форма на облик на фашизмот. Ние сме антифашистичка средина, народ со антифашистичко наследство и дозволивме фашизоидни провокации очигледно се потпомогнати од политичка Софија, вели за „Локално“ новинарот Зоран Иванов за предложените измени на Законот за здруженија и фондации и поддршката од пратениците во Собранието.

Според него, фактот дека домаќините и кумовите на таканаречените културни бугарски клубови се овдешни македонски граѓани и македонски државјани, упатува дека профашистички фанови виреат и овде во оваа наша традиционална антифашистичка средина.

-Предлог законот за граѓански здруженија и фондации што сега се тркала по собраниските комисии секако може да е решение во иднина да не се случуваат провокации од ваков тип како со називите на бугарските клубови во државава. Да видиме како ќе помине зошто и таму веќе почнуваат полемики околу неговата содржина што може да потрае, а проблемот и натаму да остане да нервира и навредува, посочува Иванов.

Околу реакциите во Бугарија на предлог-измените на законот, новинарот е дециден дека тоа е нивен проблем.

-Оттаму, со вакви местенки како со фашизоидните клубови толку ги изместија вредностите на елементарна меѓудржавна и меѓусоседска комуникација што за тоа сега околу законските измени за граѓанските здруженија воопшто и не треба да се размислува, смета Иванов.

Тој додава дека воопшто не треба да се коментираат изјавите на лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов“.

-Слави Трифонов и нему сличните наци фашизоиди без никаква институционална обврска во сопствената земја воопшто и не се вредни за било каков коментар. Впрочем бугарските граѓани на неодамнешните избори му дадоа шут карта и му покажаа каде му е местото. Се менува и се европеизира и бугарската политичка јавност, бавно, но неминовно, констатира Иванов.

Не стивнуваат реакциите од одредени политички кругови во Бугарија

Новото бугарско Собрание треба веднаш да го врати ветото за преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Ова го Трифонов. Неговата партија беше главен противник на укинувањето на ветото во претходниот парламент, но не успеа да влезе во новото Народно собрание.

„Собранието во Северна Македонија едногласно изгласа нов закон за фондации и здруженија. Со овој закон е исполнета целта, а тоа е да се забранат сите бугарски здруженија именувани по херои од нашата историја. Што е Иван Михаилов за Македонија, освен херој“, праша Трифонов.

Покрај него и бугарските европратеници, беа со остри критики кон властите во Северна Македонија.

Андреј Ковачев изрази разочарување по обединувањето на власта и опозицијата во Северна Македонија околу носењето на законот за здруженија на граѓани, а Ангел Џамбаски зборуваше за „омраза“ со палењето на бугарскиот клуб во Битола и протестите во Охрид, тврдејќи дека законот којшто се носи во македонскиот Парламент е за забрана на бугарски имиња.

Н.П.

Слични содржини