Ноќеска еден час пред полноќ претседателот Ѓорге Иванов сепак во резиденцијата на Водно ги примил амбасадорот на САД, Џес Бејли и на Германија, Кристине Алтхаузер, пренесува Либертас повикувајќи се на дипломатски извори. Средбата е на инсистирање на амбасадорите шокирани од одлуката Иванов да направи општа амнестија.

Претседателот, како што претходно беше објавено, со часови одбегнувал средба со Бејли и Алтхаузер знаејќи какви реакции ќе му пренесат.
Нашите извори тврдат дека средбата била студена но и полемична. Иванов ја бранел неговата одлука дека ја донел самостојно, а амбасадорите му ја пренеле шокираноста на Вашингтон и Берлин оти тоа не доликува на правна држава и е поништување на Пржинскиот договор за излез од кризата и директен удар врз СЈО за кое согласност и потпис ставија четворицата партиски лидери Груевски, Заев, Ахмети и Тачи.
Иванов, според дипломатските извори, се обидел да наметне кавгаџиски тон, а оправдување за неговата постапка гледал во, како што рекол, да се обиде да ги смири раскараните политичари за да се решела политичката криза./Либертас