Политичкиот аналитичар и новинар Зоран Иванов смета дека ВМРО-ДПМНЕ беше свесна дека самиот референдум нема да помине.
-Добро е од нивно внатрешно-партиски аспект да анимираат дека сме загрозени и членство и јавност, дека е загрозен е идентитетот и јазикот и тоа е легитимно. Но, нелигитимно е дека има други средства и методи за други вредносни судови што треба јавноста да ги има за еден политички субјект кој носи кон реформи и напредок. Ова се само клинови и клипови, тамам Македонија згази на европскиот автопат и сега ВМРО-ДПМНЕ се однесува како одрон на патот, како пречка. Да има шанса референдумот да е навистина потреба за изјаснување и да отвори некои врати, јас ја гледам спротивната насока. Од друга страна, не се согласувам со потегот на претседателот на Собранието. Тој сака да се постави како Голијат и сам нешто да решава. Не знам зошто толкав товар си намести, кога можеше уште неколку дена во некаква процедура. Дури и да помине референдум, знаеме дека нема да успее и дека евроинтеграциите ќе си продолжат, не поради референдумот, рече Иванов во емисијата „Аргумент плус“.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да каже „не“ на Договорот со Бугарија во нашето Собрание, но не го направија тоа и ја напуштија седницата.
-Секој човек што се занимава со елементарна математика и аналитика, знае дека тој референдум нема да успее. Што се однесува до Бугарија и асимилација, навреда е за Македонците дека ќе бидеме асимилирани од Бугарите. За да бидеме асимилирани треба нашите деца и внучиња да им предаваат Бугари или не знам сите книги да ги смениме и да донесеме бугарски. Како тоа да се бугаризираме не знам? На таков начин да се игра на емоциите на луѓето? Тоа не знам…, додаде Иванов во гостувањето.