Најголемите несреќи се случуваат поради човечка грешка, и во воздухопловството и железничкиот сообраќај. Ако зборуваме за лоша судбина ги има секој ден, но кога зборуваме за систем на одговорност, навистина покажавме низа слабости во изминатите години, вели новинарот Зоран Иванов за емисијата „Само вистина“ за трагичната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.
Според него, добро е што во Бугарија ќе се прави истрагата.
-Се надевам дека бугарските власти совесно ќе си ја завршат работата. Мојот впечаток е дека за оваа несреќа тешко ќе се лоцира која е причината. Можеби ќе се каже кој е виновникот. Мора да се направи контрола на институциите кои одговараат за животот на луѓето, а во тој тип е и контрола на јавниот превоз, рече Иванов.
За автопатот „Струма“, низ кој лично возел, Иванов вели дека е добро регулиран и дека асфалтот е совршен.
-Можеби ќе кажат и бугарските експерти по патна инфраструктура и сообраќајните знаци дали може треба уште појасно да се означи дека возачот се приближува до тој остров. Има сигнализација, видлива е преку ден. За навечер не можам да кажам, рече Иванов.