Ивановска бара навреме да се изберат новите членови на ДКСК

од Stefanija Kuzmanovska
245 прегледи

Мандатот за работа на актуелните членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) истекува на 7 февруари 2024 година и согласно законот немаат право на повторен избор, ниту на продолжување на мандатот до изборот на нова Комисија, истакна денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска која одговараше на новинарски прашања на денешната „Текстилијада“ во Штип.

Ивановски посочи дека ова значи дека од наредниот ден, 8 февруари 2024 година треба да почне со работа новата Комисија.

„Согласно Законот, три месеци пред истекот на мандатот треба да започне процесот на избор за нови членови на Комисијата и ние тоа го споделивме со Комисијата за избор и именување во Собранието на Република Северна Македонија. Разговаравме со нив и укажавме дека Законот предвидел доволно време три месеци и со време да се почне постапката, за да не дојде во ситуација институцијата да биде без Комисија“, вели Ивановска.

Посочи дека ако навреме не се изберат нови членови на ДКСК, тоа ќе биде лош сигнал не само за граѓаните и меѓународната заедницата, туку и поради тоа што наредната година во земјава ќе има претседателски и парламентарни избори.

„Уште повеќе што наредната година се предвидуваат избори и ако една од главните надлежности на оваа Комисија е следење на изборниот процес и на изборните кампањи, тоа не би било добра порака – ако институцијата остане без Комисија“, заклучи Ивановска.

Слични содржини