Ивановска: Ми пречи тоа што многу политички експонирани личности сакаат да бидат идни антикорупционери

од Nikola Popovski
315 прегледи

Актуелната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска е изненадена од фактот што многу политички експонирани личности се пријавија на интервјуата за избор на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Вели дека не ги познава сите луѓе што се пријавија и дека тоа е нивна работа сами да се претстават и да си го одржат она што ќе го кажат во нивното претставување. Сепак истакнува дека ѝ пречи тоа што „имаше многу политички експонирани личности кои се пријавуваат да бидат членови на едно сосема независно тело“.

Таа се надева дека Комисијата за селекција нема да трпи политички влијанија и какошто вели да избира такви ликови.

Прашана дали актуелниот состав на ДКСК имал некакви политички притисоци, Ивановска вели дека притисоците се одвиваат на јавна сцена бидејќи нивните седници се јавни.

-Така што, да не речам и притисоците, ама ете да речам притисоци од сите тројца премиери ги доживеавме, ама на отворена сцена. Значи не сме имале нешто да не кочи, да ни се јавуваат и да ни прават притисок бидејќи јас уште на почеток кажав, доколку се случи такво нешто има член во законот којшто нас ни овозможува да разговараме и да ги известиме Собранието дека имаме притисок и да си побараме заштита од Собранието. Така што сè си е уредено, само треба да се испочитува, рече Ивановска од Општинското основно училиште „Гоце Делчев“ во Штип во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“.

На конкурсот распишан од Собранието се пријавиле 57 кандидати од кои за 15 било констатирано дека немаат комплетна документација или несоодветно образование.

За нови антикорупционерка се има пријавено Софија Спасова Медарска, судијка од Основниот Граѓански суд Скопје и сопруга на адвокатот Филип Медарски. За ова место претендира и Славица Андреевска, судијка од Основниот Кривичен суд, која неодамна не беше избрана за судијка во Апелацискиот суд од страна на Судскиот совет, а набрзо треба да замине во пензија.

На листата има и две поранешни судијки. Маја Малахова беше кандидат и за претходниот состав на Антикорупциската комисија, во 2019 година. Таа беше  разрешена од судиското место во 2002 година а потоа стана претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки. На конкурсот се пријавила и Татјана Михајлова, која во 2021 година беше разрешена од Судскиот совет за нестручно и несовесно работење.

Освен нив, за претседателско место во ДКСК се кандидирал Борис Кондарко, член на Државната изборна комисија и поранешен пратеник.

На конкурсот се пријавени и адвокатите Сузана Јошевска – Атанастасовска и Кимо Чавдар. На листата може да се најде и колумнистот Даут Даути, поранешен член на Комисијата за лустрација, понатаму Магдалена Чижбаноска Вангелов, има вработени во Државниот завод за ревизија, но и вработени во Антикорупциската комисија, како Билјана Каракашова Шулев.

Мандатот на актуелниот состав на Комисијата завршува на 7 февруари 2024 година и согласно законот немаат право на повторен избор, ниту на продолжување на мандатот до изборот на нова Комисија.

Слични содржини