Ивановска: Секој граѓанин е здраворазумен и има одговорност за својот глас

Таа порача дека нема да ги повикува граѓаните да гласаат за еден или друг кандидат.

од Бисера Трајковска
5 прегледи

Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, за која изборната трка заврши во првиот круг, денеска на прес-конференција порача дека нема да ги повикува граѓаните да гласаат за еден или друг кандидат, бидејќи секој граѓанин си е здраворазумен, има право на гласање и има одговорност кому ќе го даде својот глас.

-Кој и да победи во вториот круг на локалните избори, треба да носи одлуки во полза на сите, доколку вистински се залага да го заштити јавниот интерес, рече Ивановска, која одржа прес-конференција заедно со избраните советници од граѓанските иницијативи обединети во платформата „Независни заедно“.

Таа посочи дека победникот треба да го заштити уставното право на граѓаните за здрава животна средина, како и нивното активно учество во креирање и донесување на одлуки.

– Голем број граѓани препознаа вредности и без особени кампањи, затоа што тоа се свесни граѓани кои наместо секојдневно да негодуваат за проблеми, преземаат акција за промени, преземаат одговорност за својот живот … Кој и да победи, доколку вистински се залага да го заштити јавниот интерес, треба да носи одлуки во полза на сите и да го заштити уставно загарантираното право за здрава животна средина и активното учество на граѓаните во креирањето и донесувањето на одлуките, рече Ивановска.

Според Ивановска, охрабрува фактот што Центар има критичка маса која што не размислува по партиска шема.  Таа вели оти граѓаните се свесни дека промените треба сами да ги направат.

Ивановска додаде дека граѓаните очекуваат одговорни политики и транспарентност во одлуките на локалната власт, укажувајќи на потребата од ревизија и усогласување на Деталните урбанистички планови со Генералниот урбанистички план.