Ивановска за извештајот на „Фридом хаус“: Граѓаните треба да пратат силна порака до политичките фактори за тоа што сакаат и да направат притисок за менување на политичката волја

од Nikola Popovski

Рангирањето на Фридом хаус не се разликува со состојбите искажани во извештајот на ЕК за напредокот на државата. Тоа се состојби кои со години се повторуваат, но за жал не се преземаат потребни мерки и активности за надминување на истите, вели во разговор за „Локално“, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска за извештајот на Фридом Хаус, насловен „Државите во транзиција“ (Nations in Transit).

Според неа, во услови кога имаме високи ризици од корупција, како што е силното политичко влијание, проблеми со (не)владеење на правото односно неказнивноста, недореченостите во правната регулатива кои оставаат простор за злоупотреби и поттикнување на коруптивни однесување, недоволна транспарентност, систем за надзор, контролни механизми во јавниот сектор и како круна на се – проблемите со интегритетот на човечкиот фактор на ниво на општеството, придонесуваат за ваква оценка.

-Како да се надмине тоа? Секогаш велиме дека е потребна политичка волја. Нормално дека политичкото влијание кое се манифестира преку изготвување, донесување и неспроведување на закони, креирање на политики и кадровски политики ,во процесот на пружење на јавни услуги, при издавање на дозволи, одобренија, решенија, лиценци и други документи каде што има допир јавниот со приватниот сектор, тука се покажува моќта на политичкото влијание и тоа никогаш нема да престане, се додека не се направи притисок од страна на граѓаните, за да престане. Граѓаните не можат ова да го поднесат и анкетите тоа го покажуваат. Ако се сеќавате МЦМС пред Нова година спроведе анкета за мислењето на граѓаните, според која проблемот со корупцијата е проблем број 1 на граѓаните. Но охрабрувачки беше фактот што процентот на граѓани кои што пружиле отпор на коруптивни дејствија е зголемен како и процентот на граѓаните што сметаат дека има надеж во државата за спречување на корупцијата. Клучот е во граѓаните колку ние како граѓани ќе кажеме стоп на корупцијата. Дали ќе ја поттикнуваме со тоа што ќе ги прекршува правилата за полесно остварување на нашите цели или ќе ги почитуваме законските процедури и прописи, истакнува соговорничката.

Ивановска образложува дека посочените случаи во извештајот на Фридом хаус се случаи за кои во ДКСК расправале уште од почетокот на нивниот мандат во 2019 година и ги обелодениле пред јавноста. Имено, додава екс-претседателката на Антикорупциската комисија, пет години наназад зборуваме за проблемот со непотизмот, предложивме повеќе иницијативи за одговорност на носители на јавни функции…но никој не беше разрешен.

-Предложивме 42 препораки за промена на 19 закони во делот на вработувањата за да се надмине злоупотребата на дискреционото овластување бидејќи политичкото влијание и моќ се манифестира преку дискреционите овластувања. Но до тоа не дојде, информира Ивановска.

Додава дека Законот за висока раководна структура не дојде ни до читање во Парламентот затоа што, како што вели, на политичките структури им е многу важно тие да си ги назначуваат раководните структури во институциите за да можат потоа лесно да ги контролираат и управуваат.

-Како сакате институциите да бидат отворени за граѓаните и да работат непристрасно и неселективно кога раководството е направено на политички пазар – колку директорски места да припаднат на една партија, а колку директорски на друга партија итн.

Од друга страна и самите вработувања партиски се спроведуваат…Не постои мерит систем. Како ДКСК реагиравме односно поднесовме иницијатива до Уставен суд за преиспитување на балансерот бидејќи повеќе е инструмент кој што ги кочи отколку што ги развива демократските процеси. Треба да се постават здрави темели, без нив не гледам дека ќе има напредок, истакнува Ивановска.

Поранешната претседателка на ДКСК смета дека граѓаните треба да пратат силна порака до политичките фактори за тоа што сакаат и да направат притисок за менување на политичката волја.

-Зошто е вакво однесувањето на политичарите? Оти тие ја наметнуваат политичката волја како единствено решение за било каков проблем во општеството. Веќе се создаде перцепција дека политичката волја е над законските решенија што е многу страшно. Како сакаме да владее правото со ваква перцепција и со постоење неказнивост? Тое се основните проблеми, заклучува Ивановска.

Циклични хибриди е групата во којашто е ставена Македонија во најновиот извештај на „Фридом Хаус“.  Се нотира дека промените на елитите не носат значајни структурни промени, се политизираат и заробуваат институциите. „Фридом Хаус“ оценува дека државава бележи назадување поради долготрајната корупција на високо ниво, не се преземени позначителни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување. Екс-премиерот Никола Груевски и неговите соработници не се изведени пред лицето на правдата, а контроверзните измени на Кривичниот законик дополнително ги намалиле казните за такви злоупотреби, што резултираше со отфрлање на неколку важни случаи.

„За разлика од Украина или Молдавија, Македонија не презеде значителни чекори за разбивање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжува да флуктуира меѓу повеќепартиските коалиции“, се вели во извештајот. Фридом Хаус, исто така, забележува дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на Парламентот додека била во опозиција и сега е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори во 2024 година. Според извештајот, годината била обележана и со поларизирана парламентарна дебата за најавуваните промени на Уставот.

Во извештајот за земјите во транзиција, во кој се вклучени 29 земји, се наведува дека регионалната безбедност е изговор за многу политички лидери од Западен Балкан да ги поткопаат демократските институции и да ги игнорираат демократските норми.

Н.П.

Слични содржини