Ивановска за македонската борба против корупцијата: Власта и опозицијата во суштина прават според народната „Сложни калуѓери и во петок мрсат“

од Nikola Popovski
217 прегледи

Пад од 12 места, Македонија назадува во борбата против корупцијата. На скалата на којашто се рангирани 180 држави, нашата земја се најде на 88-то место. За да се смета дека сериозно се бори против корупцијата, државата треба да оствари најмалку 50 поени, а Македонија има 40.

Овој резултат, како што велат од Транспаренси Интернешнл е последица и на скандалите во кои беа вмешани судиите Наќе Ѓорѓиев и Лазар Нанев како и Иџет Мемети, член на Советот на јавните обвинители.

По објавените резултати, премиерот Христијан Мицкоски со реакција – со сите скандали на претходната власт, логичен е падот на индексот на корупцијата, но додава дека е тоа добра основа за да се следи понатаму состојбата. СДСМ, пак, одговорноста ја лоцира во актуелната Влада, која според нив за 8 месеци успала да ја доведе земјава до најслабата позиција по последните пет години.

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска во разговор за „Локално“ вели дека се додека сите во ова наше општество не станат свесни дека корупцијата е зло кое со силно разорувачко дејство негативно влијае на сите општествени процеси, борбата против корупцијата е само декларативна. Како што наведува, „борбата не е само за опозицијата… додека се во опозиција, туку борбата е воспоставување здрав систем кој сите ќе го почитуваат.

-Вака само си префрлуваат топка…а во суштина прават според народната поговорка „Сложни калуѓери и во петок мрсат“, опишува соговорничката.

Според Ивановска, во услови на силен итензитет на ризичните фактори кои генерираат корупција, како на пример: политичкото влијание, неказнивоста, отсуството на интегритет и транспарентност, корупцијата добива поголем замав.

-Оваа борба бара ангажираност на сите нивоа на општеството, како од страна на сите релевантни институции, кои мораат да постапуваат во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност, така и од страна на граѓаните кои со своето однесување (неприфаќање и пријавување на корупција), можат да дадат огромен придонес, тврди Ивановска.

Поранешната прва антикорупционерка е децидна дека мора да сме свесни дека без силни институции, неказнивоста станува темел врз кој се гради системот на корупција. Доколку не се спротивставиме на неказнивоста, залудни се сите напори да се стави крај на корупцијата.

-Клучно е земјата да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата. Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега напредокот на овој фронт сериозно недостига.

Јасно е дека станува збор за болен процес на закрепнување, кој бара  соочување со сопствените слабости, но ако сакаме да изградиме функционална држава и да го спречиме иселувањето од земјава тогаш сите ние треба да си зададеме цел – изградба на здрави и силни институции, со интегритет, кои ќе овозможат владеење на правото, заклучува Ивановска.

Владата вчера го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Ваква одлука образложија дека донеле поради последните резултати на Транспаренси интернешнл и одлуката за назначување на шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје. Коцевски беше избран со 62 гласови „за“ во Собранието во февруари 2024 година. Претходно предлогот за него беше доставен од претходната власт, а тој беше единствениот кој доби позитивно мислење од Советот на јавните обвинители, покрај обвинителките Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ.

Н.П.

Слични содржини