Ивент индустријата започнува со секојдневни протести пред Владата

од Nikola Popovski
255 прегледи

Денес во 12 часот пред Владата ќе започне протестот на компаниите од индустријата за организација на настани.

„Компаниите во ивент индустријата немаат проблем со својот креативен капацитет, туку со неможноста да работат. Имаат проблем бидејќи не е возможно да се направи настан заради бројот на заболени и бројот на секојдневно починати, заради немањето на вакцини и најнизок процент на имунизација во регионот, заради препораките што секојдневно ги слушаме да не се групираме и да избегнуваме места каде што има поголеми групи на луѓе. Настаните се колективна енергија, настаните се искуство и ние точно знаеме што тоа значи. Ние немаме проблем да креираме содржини, туку истите да ги спроведеме во овие услови и притоа тоа да биде финансиски одржливо. Таканаречената помош ќе се спроведе преку конкурс, а ќе треба да се конкурира на зададена тема, т.е. 30 години независност и 20 години рамковен договор. Тоа не е помош со неповратни средства или грантови за нашата индустрија, туку конкурс за ангажман на организатори за содржини за Владата. Ваквите конкурси требале да бидат пракса и во минатото, како и за секоја друга јавна набавка платена со народни пари. Зошто тоа не било така, ќе анализираме во некои идни времиња“, велат од Асоцијацијата на Ивент Индустрија ИВАП.

Тие најавија протести секој ден од 12 до 15 часот сé до постигнување на взаемно прифатливо и одржливо решение.

„Тоа што Владата деновиве го претставува како помош, ниту е помош ниту е планирано да бидат опфатени сите засегнати компании. Да потсетиме, според официјалната статистика на Централниот регистар, нашиот сектор има пад на промет од 62,103% за 2020 година и тоа е можеби највисокиот пад споредено со другите индустрии. Нашите компании се пред колапс. Остануваме на ставот дека под итно треба помош за оваа дејност, правична и фер за сите, без поделби на подобни и неподобни. Затоа, ќе бидеме пред Влада секој ден од 12 до 15 часот, се додека не изнајдеме квалитетно решение прифатливо за сите!“, велат од Асоцијацијата ИВАП.