Избирачкото право е неприкосновено-прекршителите ги чека казна затвор

од desk4
176 прегледи

Во пресрет на референдумот, атмосферата на терен во однос на нерегуларности и кривични дела е мирна, оцени на денешната прес конференција, Џелал Бајрами, претседател на привремената Комисија формирана од Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ) за следење на евентуалните незаконски активности на претстојниот референдум.

Бајрами рече дека до ЈОРМ до сега е пристигната една кривична пријава во која партија се пожалила дека се врши поткуп пред референдумот без да прецизира за која партија станува збор.

„Упатувам повик до сите граѓани, невладини организации, до партиите, домашните и меѓународни институции кои ценат дека има неправилости поврзани со организирање и спроведување на референдумот истите да ги пријават на адресата на Јавното обвинителств. За сега атмосферата е мирна, се надеваме во ваква мирна атмосфера ќе се спрведе и референдумот. Ние будно ја следиме секоја активност“, рече Бајрами.

Пријава за изборна нерегуларност ќе може да се поднесе на електронската адреса на ЈОРМ, [email protected].

И Народниот правобранител  ќе внимава на референдумот

И Народниот правобранител се вклучува во заштитата на гласачкото право. Во пресрет на претстојниот референдум, од Канцеларијата на Омбудсманот информира дека од 17 септември е отворена бесплатна телефонска линија 0800 54321, со цел да им помогне на граѓаните во остварувањето и заштитата на гласачкото право на слободно изразување на нивното мислење и став по однос на референдумското прашање.

Попречувањето на слободното излегување и изразување на своето мислење на референдумот граѓаните може да го пријават и во канцелариите на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип,

Од МВР пак информираа дека полицијата ќе издава лични карти и за време на викендот за да можат граѓаните непречено да го остварат своето право на гласање.

Свеста на граѓаните за изборни нерегуларности е мала

Граѓаните малку ја користат можноста да пријават кривични дела против изборите затоа што, како што констатираат тие, сосема е разбирливо, бројот на дела против изборите да варира согласно динамиката на изборните циклуси.

Според податоците објавени во Анализата „Кривично-правната заштита за кривичните дела против слободите и правата на човекот и изборите и гласањето“, и граѓаните но и полицијата многу малку пријавуваат вакви кривични дела.

„Овие податоци се показател дека свеста кај граѓаните и полицијата за можноста за кривично правна заштита на избирачките права е на многу ниско ниво. За непријавувањето на повредите на избирачките права влијае и недовербата во институциите, како и политичкиот притисок или страв“ е еден од заклучоците на Хелсиншкиот комитет во направеното истражување.

Најчест пријавувач на овие кривични дела е полицијата. Оштетените и другите граѓани кои пријавиле кривично дело против изборите наместо до Јавното обвинителство (ОЈО), пријавите ги поднесуваат до МВР.

„Постои целосна неинформираност на граѓаните за кривичните дела против изборите и гласањето. Сепак, минималниот број пријави за овие дела може да е и поради недовербата во институциите да реагираат и процесираат пријави при прекршувања на избирачките права“, заклучуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму препорачуваат дека е неопходно информирање на граѓаните за постоењето на кривично-правна заштита на нивните избирачки права. МВР треба со голема сериозност да ги регистрира пријавите од граѓаните за прекршени слободи и права и да препознава елементи на кривичните дела што истите ги штитат. Истото важи и за Јавното обвинителство, кое мора сериозно да почне да реагира по сознанија за сторени кривични дела против слободите и правата на граѓаните, вклучително и за избирачките права. Во оваа насока, неопходно е полициските службеници и јавните обвинители да ја зајакнат независноста и соодветно да ги гонат сторителите на овие кривични дела, особено во случаите кога тоа се службени лица и носители на јавни функции. Во овој дел особено важна е Академијата за судии и јавни обвинители.

Повредата на процесот на гласање се казнува со казна затвор

Согласно Уставот секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал.

Што се однесува до кривична одговорност, според Кривичниот Законик (КЗ), тој што со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин оневозможува или спречува одржување избори или гласање или го оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку три години.Тој што ќе го стори делото со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Што се однесува до повредата на избирачкото право доколку член на изборен орган или друго службено лице му оневозможи на било кого да го оствари своето право ќе се казни со затвор најмалку три години.

Според КЗ забрането е и влијание врз гласачите во смисла на определување „за“ или „против“ за време на гласањето. Таквото кривично дело се казнува со најмалку три години затвор. Тој пак што ќе понуди поткуп при избори и гласање ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години. Од три па нагоре казна затвор е предвидена и за секој оној кој ќе го повреди начелото на тајност при гласањето, ако уништи изборен материјал, ако додаде или одземе гласачки ливчиња од избирачката кутија или ако злоупотреби финансиски средства за време на изборна кампања./Новатв.мк