Изборен инженеринг не проаѓа во урбани центри

Калкулацијата за некандидирање на сопствен кандидат за градоначалник на Општина Центар, ме упатува на мислата, дека од оваа партија, или немаат соодветно профилирано партиско решение, или пак се на јасно дека и со поддршка на својот поголем коалициски партнер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,тие немаат речиси и никакви шанси да победат во најурбаната скопска општина

од Vladimir Zorba
88 прегледи

Последните јавни препукувања меѓу поранешниот градоначалник на Општина Куманово, Зоран Дамјановски-Циц и поранешниот генерален секретар и пратеник од СДСМ, а денес актуелен генерален секретар и министер за јавна администрација од редовите на политичката партија ЗНАМ За Наша Македонија, Горан Минчев, го исфрла на површина целиот партиски талог, кој се собирал низ годините во некогаш моќниот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Имено партијата ЗНАМ, настана по отцепувањето на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој во 2021-вата година, поради одлуката на СДСМ да не биде поддржан за втор мандат, реши да се кандидира на независна листа, победи со помош на гласовите од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ и во следствие ја формираше оваа политичка партија, која освои респектабилни околу 57 илјади гласови на минатогодишните парламентарни избори, земајќи 6 пратеници. Потоа веднаш влезе во власта со идеолошки десничарската ВМРО-ДПМНЕ учествувајќи со свои извршни кадри.

Нервоза во редовите на ЗНАМ

„Зоран Дамјановски – Циц е последниот кој има право било кого да обвинува за лукративни мотиви. Нека објасни – од каков зорт во 2009 година го напушти СДСМ и премина во друга партија? Дали тогаш желбата за уште еден градоначалнички мандат му беше посилна од ‘љубовта’ кон СДСМ?“

Оваа реченица дадена од вториот човек на ЗНАМ,е веројатно изнудена не повеќе од нерасчистени сметки помеѓу поранешните сопартијци, колку што доаѓа од нервозата во редовите на оваа партија пред претстојните локални избори. Имено, ваква класично клиентичистичка партија, без никаква идеологија, никакви вредности, обично завршува на буништето на политичката историја како НСДП на Тито Петковски, која беше формирана на многу сличен начин како „кумановската подружница на Бранко“. Најверојатно да се спречи , таков развој на настаните, владејачката партија , оди во операција на „спасување на војникот Трајан“. Шпекулациите одат во таа насока, дека кандидати за градоначалници од редовите на ЗНАМ, освен во Општина Куманово (актуелниот лидер и градоначалник), ќе бидат поддржани и во скопската општина Центар, како и низ неколку помали Општини во изборните единици три, четири или евентуално ИЕ пет. Но, како велат , есапот дома не секогаш излегува на пазарот, особено не на политичкиот.

Поддржувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ, може, а најверојатно и ќе ги држи на политичко кратко јаже: односно, онаму каде што ќе процени, нема да им „испорача“ доволен контингент на вмровско гласачко тело, без кое, ни во сон не би можеле да победат на едни локални избори во било која Општина низ Републиката. Еве, да ја прифатиме тезата дека би можеле да победат во актуелната Куманово, но и во некоја помала низ југоисточна Македонија (пример Дојран), а да бидат урнисани на советничките листи (освојувајќи дваесеттина до триесеттина илјади гласови), тоа ќе значи нов тренд во македонската политика: партија со тежина 3 пати помала од таа на Левица „да победува“ во трката за градоначалници. Што значи, победите, всушност се изборен инженеринг, а не реално претставување на волјата и преференциите на македонскиот електорат во тие односни општини.

Центарци се умни луѓе!

Калкулацијата за некандидирање на сопствен кандидат за градоначалник на Општина Центар, ме упатува на мислата, дека од оваа партија, или немаат соодветно профилирано партиско решение, или пак се на јасно дека и со поддршка на својот поголем коалициски партнер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,тие немаат речиси и никакви шанси да победат во најурбаната скопска општина. Од проста причина, што граѓаните и гласачите, особено тие што преферираат центар лево од урбаното градско јадро, знаат да распознаат кој е вистинскиот социјалдемократски кандидат, кој е неговата алтернативна карикатурална замена од „Тему или Али Експрес“.

Второ, таков тип на „партиско-политички“ инжинеринг или изигрување на волјата на гласачите, со должна почит на сите граѓани во Македонија, но може да се изведе во некои многу помали и рурални општини како Лозово или Конче, не и во Општина Центар. Тоа имено, најмногу се виде токму на изборите во 2013-тата година, кога на најбрутален и бестијален начин режимот на поранешниот премиер, сега пребеган азилант во Будимпешта, Никола Груевски, на најгрозоморен начин сакаше да ја изигра волјата на Центарци со постојано прегласување и носење на „човечиња кои се држат за рачиња од Пустец, Албанија“, гаснење на лифтови и други монструозни диктаторски методи на суспендирање на демократијата.

Сепак, на крајот, пркосот на Центарци, го порази режимот во Центар и го одбраа опозицискиот кандидат за градоначалник од редовите на здружената опозиција Андреј Жерновски. Сакам да кажам, дека што и да правите, какви политички „изуми“ да смислувате за да ги манипулирате или да ги мамите гласачите на овој или оној начин, на крајот на денот, тие како суверен се доволно свесни за кого да го дадат својот глас и преференцијално да изберат кој ќе им биде иден град оначалник. Особено, граѓаните и гласачите на Општина Центар, кое е јадрото и нуклеусот на образованото, еманципираното, цивилизираното и градското урбано население, кое размислува пред се „со своја глава“, без да се потчинува на партиски насоки и наредби.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини