Полскиот претседател Анджеј Дуда најверојатно ќе ја даде првата шанса за формирање влада по изборите на партијата која доби најмногу гласови, а тоа се владејачките националисти Право и правда (ПиС), изјави во неделата неговата помошничка Малгоржата Папроцка.
На прашањето на приватната телевизија дали ПиС ќе добие задача да формира влада, Папроцка рече: „Така изгледа денес, гледајќи ги членовите од уставот, гледајќи ја традицијата“.
Според излезните анкети, полскиот проевропски опозициски блок освои мнозинство на парламентарните избори во неделата, а доколку тоа го потврдат и официјалните резултати, владејачката националистичка партија ПиС нема да добие трет мандат.
Трите опозициски партии од центарот, Граѓанската коалиција (КО), Третиот пат (Христијанско-демократи) и Левица освоија 248 места во парламентот од 460, додека ПиС и нејзиниот сојузник Конфедерацијата (екстремно десничарски) имаат 212 места.
„Не е јасно дека резултатите од изборите во недела во Полска ќе завршат со нов мандат на владејачката партија Право и правда (ПиС)“, рече нејзиниот лидер Јарослав Качински.
Неговиот партиски колега, полскиот премиер Матеуш Моравјецки, на социјалните мрежи објави дека ПиС е „победник на изборите“.
Лидерот на КО, поранешниот премиер Доналд Туск во неделата вечерта изјави дека демократијата победила и дека ПиС ќе ја напушти власта.
„Никогаш не сум бил толку среќен како денес со второ место. Победи демократијата. Го отстранивме ПиС од власт“, рече Туск.