Социјалдемократската партија на Германија (СПД), според анкетата спроведена од Институтот Форса, во моментов е партија со најдобар рејтинг во Германија. Резултатите од истражувањето ги објавија ТВ-станиците РТЛ и н-ТВ, а според нив, социјалдемократите можат да сметаат на поддршка од 23% од избирачите. Демохристијаните, односно ЦДУ / ЦСУ, уживаат поддршка од 22 проценти од испитаниците во тоа истражување. Во споредба со минатонеделното истражување на Форса, СПД порасна за два проценти, а демохристијаните загубија еден процент. Така СПД е повторно најсилната партија во Германија – и последен пат тоа се случи пред скоро 15 години.
Зелените загубија уште еден процент во тековната анкета и сега имаат поддршка од 18 проценти од гласачите. Либералната партија (ФДП) остана на четвртото место со непроменета поддршка од 12 проценти, Алтернатива за Германија има десет, а Левица шест проценти. Бројот на неопределени и оние кои немаат намера да го искористат своето право на глас е 26 проценти – и тој е поголем отколку на последните федерални избори во 2017 година.
Изборите во Бундестагот се одржуваат на 26 септември.
Можни коалиции
Врз основа на резултатите на Форсa, теоретски се можни четири различни коалиции, кои можат да сметаат на мнозинство во новиот Бундестаг. Сите четири коалиции се состојат од три партии, а во три од тие четири опции, СПД би имала право да предложи канцелар, односно нејзиниот кандидат за шеф на владата, Олаф Шолц. Под водство на социјалдемократите, Германија може да добие влада составена од СПД, Демохристијаните и ФДП, мнозинство составено од СПД, Зелените и ФДП или „лева коалиција“, СПД, Зелените и левицата. Можна е коалиција на ЦДУ / ЦСУ, Зелените и либералите под водство на Демохристијаните.
Генералниот секретар на ЦДУ, Пол Цимијак, смета дека анкетата на Форса е „повик за будење“. Мора јасно да се разгледа за што станува збор, рече тој за весникот „Велт“. Федералната канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) ги советува своите демохристијани да не дозволат бројките да ги иритираат. „Ние се бориме“, рече Меркел по виртуелниот самит на Г7 за Авганистан, кога новинарите ја прашаа за анкетата на Форса. Таа додаде: „Секој ден ќе се стремиме да постигнеме добар изборен резултат и нема да ги гледаме анкетите секој ден“.
„Во добри раце“
Што се однесува до рангирањето на најпопуларните политичари, Олаф Шолц (СПД) е единствениот кандидат чиј рејтинг расте – во споредба со јуни за дури седум проценти. Најголем губитник е кандидатот на Демохристијаните, Армин Лашет: во истиот период, неговиот рејтинг падна за 11 проценти. Кога станува збор за таа листа, испитаниците одговараат на прашањето за кој политичар имаат чувство дека земјата е „во добри раце“.
Лашет е само на 11 -то место на таа листа на водечки германски политичари, Шолц е трет, веднаш зад шефот на ЦСУ Маркус Цедер. Убедливо најпопуларна и понатаму е канцеларката Ангела Меркел.
Што велат другите анкети?
Во анкетите на другите институти за анкети, СПД исто така е во пораст. Според нив, социјалдемократите значително ги престигнаа Зелените. Во истражувањето на Институтот „Инса“, кое го објави таблоидот „Билд“ во неделата, и демохристијаните и СПД беа со 22 проценти, а Зелените со 17 проценти.
Во најновото истражување на инфратес димап, ЦДУ / ЦСУ имаа поддршка од 23 проценти од испитаниците, Социјалдемократите 21 проценти, а Зелените 17 проценти.
Замена на кандидатот?
На кандидатот за канцелар на демохристијаните, Армин Лашет, нема само главоболка поради новата анкета на Форса, во која СПД ја надмина неговата ЦДУ / ЦСУ. Четири недели пред изборите, во друга анкета, огромното мнозинство демохристијани ја поддржуваат идејата за замена на кандидатот за канцелар. Седумдесет проценти од анкетираните поддржувачи на ЦДУ и ЦСУ сметаат дека Лаше треба да се повлече, односно дека кандидатот на демохристијаните на изборите треба да биде баварскиот премиер и шеф на ЦСУ, Маркус Зедер.
Ова го пренесува и весникот „Аугсбургер Алгемајне“, повикувајќи се на резултатите од репрезентативната анкета спроведена од Институтот „Циви“ за истражување на јавното мислење. Што се однесува до целото население во Германија, мнозинството од 52 проценти од испитаниците сметаат дека демохристијаните треба да одлучат да ги заменат кандидатите во последните недели од изборната трка, 38 проценти сметаат дека тоа би било погрешно, а секој десетти испитаник е неопределен.
Политикологот Урсула Минх, сепак, смета дека не треба да се очекува замена на кандидатите: „Лашет има дебела кожа и често знае да потсети дека постојано е потценет.
„Ако тој самиот не беше подготвен да се откаже од својата кандидатура, тогаш тој потег практично би значел поделба во редовите на демохристијаните“, рече Минх, директор на Академијата за политичка едукација во баварски Тусинг, за весникот од Аугсбург.