Подемот на левицата во најголемата европска економија ги исплаши милионерите и тие почнаа да ги преместуваат своите средства во Швајцарија, велат банкарите и адвокатите, цитирани од „Бизнис стандард“.
Првичните резултати од гласањето во Германија покажуваат дека социјалдемократите успеале да освојат повеќе гласови од демохристијаните и најверојатно ќе формираат влада со Зелените и друга формација.
Милионерите во Германија стравуваат од враќање на данокот на богатство, како и од заострување на данокот на наследство.
„Ова е жешко прашање за супербогатите“, рече германски даночен адвокат. „Семејствата на претприемачите се загрижени“, додава тој.
Овој потег покажува дека богатите се уште ја сметаат Швајцарија за атрактивно место за да го задржат своето богатство, и покрај обидите на земјата да го избрише својот имиџ како рај за милијардерите. Ниту една друга земја нема толку странски средства како Швајцарија. Приливот на
средствата растат дури и во 2020 година.
Една од причините е политичката стабилност во Швајцарија, која блескаше среде геополитичките тензии и пандемијата. Во првиот квартал од 2021 година, депозитите на германските домаќинства и компании во Швајцарија се зголемија за речиси 5 милијарди долари на 37,5 милијарди долари, според Банката за меѓународни порамнувања. Тие не вклучуваат акции, обврзници и други финансиски производи.
Поновите податоци се уште не се објавени, но упатените велат дека „потоците“ не запираат.
„Многу богати луѓе, особено претприемачи, се плашат дека Германија ќе сврти налево“, рече Флоријан Дурселен, директор во менаџерот на средства LGT Switzerland.