Изборите открија суштински трендови во македонската политичка реалност: „Уште се гласа по етничка линија, без програмска понуда“

Ќе послужи ли Кичево како лекција за целата држава? „Гласањето не треба да биде по етничка, туку по вредносна и граѓанска линија“

од Бисера Трајковска
53 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Телма

По вториот круг од локалните избори останува отворено прашањето за легитимитет, откако градоначалникот на Скопје беше избран со 95.000 гласа, што e најслаб резултат во последниве 20 години. Во меѓувреме Левица покажува дека е предводник на левиот спектар, додека СДСМ најавува нови кадровски промени.

Политологот Џенур Исени за „Локално“ вели дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски несомнено има легитимитет, бидејќи е избран согласно демократските процедури и волјата на граѓаните. 

Сепак, потенцира, резултатите од вчерашните избори открија неколку суштински трендови во македонската политичка реалност. 

Прво, како што појаснува, во некои средини и понатаму се гласа главно по етничка линија, што покажува дека политичките партии сè уште немаат целосно преминато кон програмска и граѓанска понуда. 

Второ, додава, овие избори потврдија дека ниту една партија ги нема гласовите „во џеб“, граѓаните сè повеќе одлучуваат според локалните перформанси и кредибилитет на кандидатите, а не само по партиска припадност.

-Коалицијата ВЛЕН, иако јавно повика своите гласачи да го поддржат Ѓорѓиевски, очигледно не успеа да го мобилизира целото свое гласачко тело, што делумно објаснува зошто одѕивот беше релативно низок, вели Исени.

Тој е на ставот дека од друга страна, Левица повторно остана без значаен резултат, практично со нула влијание во локалните средини, што ја става под прашање нејзината реална тежина на терен.

-СДСМ доживеа уште една изборна фијаско, фактот што се гордеат дека се „втора сила“ кај македонскиот блок само ја покажува длабочината на нивната политичка криза. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја освои целата политичка карта кај македонскиот електорат, додава политикологот.

Тој потенцира дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ беше пример за фокусирана и хируршки прецизна стратегија, од самиот почеток до крајот се испраќаа јасни пораки, се знаеше што се бара и што се очекува. 

Како што додава, тие се бореа за секоја општина, разбудија емоција кај луѓето и ги убедија дека треба да го направат вистинскиот избор. 

-Резултатот е повеќе од јасен: победа во 55 општини, додека СДСМ освои само 6. Во Скопје, СДСМ заврши на трето место на ниво на градоначалник, а дури на петто место во Советот на Град Скопје зад ВМРО, Левица, ВЛЕН и ДУИ. Победи беа остварени во општини што традиционално беа социјалдемократски бастиони  Крушево, Валандово, Дојран, Струмица, Делчево, Берово,  додека СДСМ изгуби дури и во Карпош, а најголемата симболична победа беше во Кичево, вели Исени.

Тој додава дека во СДСМ владее длабока политичка и морална криза. 

-Наместо оставки од потпретседателите, вистинската одговорност треба да ја понесе Филипче, затоа што главниот проблем во партијата е токму тоа што тој се однесува како полтрон на Зоран Заев, наместо како лидер со визија и интегритет.

Најзаслужен за победата на Александар Јовановски во Кичево е Фатмир Дехари. Тој и неговото друштво, буквално го претворија Кичево во пашалак каде „султанот“ одлучуваше за сè. На кичевчани им дојде преку глава, и тој гнев го изразија на изборните кутии како што доликува на народ кој ја сака слободата и кој секогаш се борел против репресивни системи, појаснува Исени.

Тој е на ставот дека примерот од Кичево треба да послужи како лекција за целата држава дека гласањето не треба да биде по етничка, туку по вредносна и граѓанска линија. 

-Само тогаш ќе можеме да зборуваме за вистинска демократија, кога ќе имаме примери каде Македонци ќе гласаат за Албанец, а Албанци за Македонец, како што се случи токму во Кичево, вели политикологот.

Како што потенцира, тоа е патот кон зрелото општество што го посакуваме сите.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски е на ставот дека не може да се постави знак на спорно за легитимитетот на Ѓорѓиевски, кој е избран со најмалку гласови во историја, бидејќи следните кандидати имаат далеку помалку гласови.

Тој за „Локално“ појаснува дека разговорот за легитимитет ќе трае одредено време, но потоа градоначалникот ќе стане градоначалник со сите права и обврски, како и сите други градоначалници.

-Иако е вистина дека имаше мала излезност, можно е да е тоа производ на убеденоста на гласачите дека кандидатот за градоначалник е веќе избран. Знаеме дека немаше висока излезност. Ние со излезноста имаме сериозен проблем секаде, во сите општини, вели Арсовски.

Петар Арсовски/Фото: Принтскрин

Дополнително, потенцира, постојат луѓе кои се водат во избирачки список, а физички не се тука.

Арсовски смета дека разговорот за недостаток на легитимитет е една привремена состојба, која брзо ќе заврши.

Сепак, несомнено е дека Ѓорѓиевски доби само 3.000 гласа повеќе од првиот круг. Арсовски не ја отфрла можноста дека причината за ваквиот резултат е и бојкотот на владиниот партнер ВЛЕН.

– Ние видовме некаки искри помеѓу партии кои се во Владата во претходниот период и за Тетово и за Брвеница. Можеби тоа се рефлектирало и во Скопје, но тоа е сепак нивен интерен проблем. Да не го решавем ние нивниот проблем. Тие треба да видат како ќе одат понатаму во коалицијата, вели Арсовски.

По прашањето кое само се наметнува, дали ќе имаме градоначалник на Скопје и скопјани или градоначалник на членови на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовски потенцира дека тоа допрва треба да го видиме. 

-Треба да видиме како ќе се однесува тој во својот мандат и дали ќе испорача за сите граѓани на Скопје, или ќе испорача само за својата партија и тоа меѓу другото ќе се врзе назад со прашањето за легитимитет, вели Арсовски.

Како што потенцира, најголемото прашање за легитимитет е дали тој ќе испорачува за сите граѓани на град Скопје.

Прашан дали Левица успеа на овие избори да покаже дека е предводник на левиот спектар и прва опозициска партија, Арсовски е на ставот дека не треба да се носат генерални заклучоци од втор круг во Скопје.

-Точно е дека Амар Мециновиќ се изедначи со гласовите на Левица, кои ги имаше Левица вкупно во првиот круг и тоа е голем успех за нив. Но, не сум сигурен дека тоа не е транзиторна ситуација, која после ќе се врати на тоа Левица да биде партија на конкретна понуда, а не предводник на опозицијата. Инаку, во македонскиот блок ние се движиме кон униполарна ситуација, додава Арсовски.

Во меѓувреме, СДСМ се соочува со изборен пораз, при што Филипче уште минатата недела најави кадровски промени, тоа најверојано ќе го посведочитме и на нивните претстојни седници на Извршен и Централен одбор.

Во тој контекст, Арсовски вели дека СДСМ се соочува со повеќе структурни проблеми, од кои кадровската понуда е само еден аспект на промените.

-Вие да менувате кадровска политика, без да го смените погонот на машината и на партијата и работењето на нејзина инфраструктура е како да менувате возачки автомобил кој не работи. Тешко е да се предвиди дали ќе успеат како партија повторно да се вратат на нозе, бидејќи системот на сврзани садови, кога губи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ добива и кога губи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ добива, е прекршан. Веќе евентуалниот губиток на ВМРО-ДПМНЕ ќе резултира во повеќе опозициски партии и СДСМ ќе биде под предизвик да се постави како лидер на опозиција, додава Арсовски.

Тој е на ставот дека во СДСМ мора да направат коренити промени што е можно побрзо.

Б.Т.