Изборите завршија, проблемите на граѓаните на Карпош останаа: Населението протестира, одземен дел од училишниот двор за да се пренамени во пат

од desk4
79 прегледи

Локалните избори завршија, но не и проблемите, граѓаните во Карпош вечерва на протест во училишниот двор на Владо Тасевски. Пред 10-тина дена таму започнала изградбата на висококатница поради која, според граѓаните бил одземен дел од училишниот двор за да се пренамени во пат. Жителите вината ја лоцираат кај поранешната општинска власт, информира ТВ24.

„Го рушат дворот од училиштето кој е буквално за децата да си играат. Го кратат за да изградат габаритна зграда“,

„Сега без никој да знае преку ноќ оградата ја поместија за шест метри, децата останаа на улица“,

„Го уништија училишниот двор за да му дозволат на градежен профитер да гради кула до кула“, велат дел од граѓаните.

Од партијата на екс – градоначалникот Стевче Јакимовски, велат дека граѓаните своите проблеми треба да ги решат со новиот градоначалник Стефан Богоев.

„Локалните избори во општина Карпош завршија, уверението е доставено на новиот градоначалник, примопредавањето е направено се што имаат граѓаните на Карпош да кажат да се обратат до надлежните, тоа е ново избраниот градоначалник“, вели Виктор Цветковски – генерален секретар на ГРОМ

Новиот градоначалник, Стефан Богоев пак за Телевизија 24 вели дека пристапната улица која минува покрај училишниот двор на ООУ „Владо Тасевски“, била предвидена пред 17 години, со деталниот урбанистички план од 2001 година, а дека тој Детален урбанистички план е потврден со минимална измена во 2011-та година.

„Ваквото урбанистичко решение, поточно изградбата на патека е согласно со сите урбанистички правила, но и основни права кои се утврдени со закон, а кои се однесуваат на тоа секој граѓанин да има обезбедено пристап до сопствениот имот“, велат од Општина Карпош.

Незадоволните граѓани најавуваат нови протести.