Изборната кампања почнува на 24 јуни, здравствени работници ќе бидат дел од специјалните избирачки одбори

од Берта Китинска
216 прегледи

Институциите и политичките партии со уверување до граѓаните и членовите на изборната администрација дека ќе обезбедат заштита од ширење на Ковид-19 за спроведување на изборите и гласањето на предвремените парламентарните избори. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните, но и да се постигне поголема излезеност на изборите.

Државната изборна комисија (ДИК), која го усвои ревидираниот Роковник за парламентарните избори на 15 јули, на вчерашната седница нагласи дека ќе се направи сè за заштита на граѓаните и членовите на изборните органи од ширење на коронавирусот за што тие веќе разговарале со здравствените власти со кои ќе изработат посебни протоколи што треба да бидат готови за два до три дена. Но, исто така од таму ги повикуваа и граѓаните да внимаваат на своето здравје.

Роковникот е подготвен согласно владината Уредба со законска сила за изборите, со која, меѓудругото се предвидува, молкот да започне на 12 јули на полноќ, на 13 јули да гласаат лицата со Ковид-19, во карантин и изолација за што ќе бидат формирани посебни избирачки одбори составени од здравствени работници и претставници на партиите, а на 14 јули другите болни и затворениците кои ќе се пријават за гласање седум дена пред денот на гласањето. Полнолетните граѓани со важечки лични документи на денот на изборите ќе можат да се изјаснат од 7:00 часот до 21:00 часот вечерта.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски нагласи дека претстои интересен период, но оти најглавниот и најголемиот предизвик е здравствената состојба и заштитата на здравјето во овој процес без разлика дали станува збор за избирачките одбори или општинските изборни комисии или здравјето на граѓаните.

-Како Комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите кои учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин, рече Деркоски појаснувајќи дека тие ќе се обидат да обезбедат гласачки места со целодневно проветрување и.т.н.
Граѓаните да имаат доверба во ДИК и во изборната администрација, побара Деркоски, но и да ги следат препораките на здрвствените власти во натамошниот период затоа што е исклучително важно за нашата држава да се гласа на изборите.

-На крајот нашата држава да биде оценета од сите набљудувачи како држава која одлично организирала во вонредни услови ваков изборен процес и тоа ќе ни биде уште еден чекор напред кон она што ние сите се стремиме, а тоа се евроинтегративните процеси кои следат есенва и понатаму, рече Деркоски.

Очекувањата се дека до почетокот на кампањата на 24 јуни ќе бидат објавени сите здравствени протоколи и, како што беше истакнато, и врз основа на нив ќе се едуцираат изборните органи, како и околу 500-те здравствени работници кои ќе бидат избрани да бидат дел од специјалните избирачки одбори.

Имајќи ги предвид сите напори што се прават за заштита на здравјето и на ангажираните 35.000 лица членови на ИО и ОИК, како и изборната администрација, од ДИК ги охрабруваат да продолжат со нивната работа.

ДИК има ангажирано Агенција која ќе направи кампања за информирање и едукација на граѓаните за начинот на гласање, согласно Изборниот законик и уредбите на Владата.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера уште еднаш потенцираше дека изборите се за спас на државата, ни треба активно Собрание и целосно функционална политичка влада. Како што напиша на Фејсбук, 15 јули е ден за гласање, ден за одлуки и за спас на државата од кризата во која влеговме.

– Петнаесетти јули е ден на кој граѓаните ќе потврдат дека продолжуваме на правиот пат, патот кон развој и напредок, кон економски раст и интеграција. На 15 јули ќе победат политиките на СДСМ, нагласи Спасовски.
Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, пак, по средбата со коалициските партнери повтори дека за нив било многу важно да се утврдат строги правила за заштита на здравјето на граѓаните со што се овозможило сите ранливи категории, хронично болни, опфатени со мерките на претпазливост соодветно да се пријават за гласање и да бидат посетени од ДИК доколу тие одлучат своето право на глас да го остварат од дома.

-Целосно ќе бидат заштитени при гласањето и целосно нивното право на глас ќе биде тајно. Ги охрабрувам сите кои спаѓаат во овие ризични категории на граѓани слободно да се пријават и да гласаат, рече Мицкоски.

Според него, останатите граѓани во безбедни услови ќе можат да излезат и да гласаат на 15 јули. Нагласи дека е потребна голема излезеност и што повеќе граѓани да се охрабрат, да гласаат и да изберат меѓу измама и напредок, односно меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Партиите да ги почитуваат протоколите за мерки во кампањата

Кампањата за предвремените парламентарни избори на 15 јули започнува на 24 јуни, два дена по завршување на осумдневната вонредна состојба. Освен дека кампањата ќе се води најмногу на социјалните медиуми без големи собири, учесниците на изборите не информираа конкретно како ќе им се обраќаат на граѓаните.

На осум дена пред почетокот на кампањата, имајќи ја предвид состојбата со коронавирусот и високите бројки на заболени и починати, министерот за здравство Венко Филипче, упати апел до сите политички чинители за спроведување на целиот изборен процес без загрозување на здравјето на граѓаните.

– Барам апсолутно сите кандидати, партии, активисти, сите кои ќе бидат дел од кампањата да бидат одговорни и да ги почитуваат, без исклучок, сите протоколи за заштита од коронавирусот. Жарот на политичката битка не смее да го надвладее разумот и во ниту еден момент политиката не смее да се исправи пред здравјето на граѓаните, наведува Филипче.
Повикува секоја активност да биде целосно прилагодена на препораките и изразува очекување сите партии да постигнат согласност околу начинот на водење на кампањата, каде, како што истакнува, ќе се даде целосен приоритет единствено на активности што нема да го загрозат здравјето на граѓаните.

– Уверен сум дека изборниот процес може да се организира на начин безбеден за сите учесници, а тоа е единствено можно само ако сите доследно се придржуваат до јасно пропишаните мерки на Комисијата за заразни болести, наведува министерот.

Функционерите и лидерите на политичките партии и партиските активисти, потенцира Филипче, имаат обврска да бидат пример за сите за доследно придржување кон мерките за заштита на колективното здравје.

– Соочени со избори во време на пандемија, како земја мора да покажеме дека сме подготвени да одговориме и на овој предизвик, да одржиме фер и безбедни избори без ниту еден ризик по здравјето на граѓаните, нагласува министерот Филипче.

Активностите на ДИК и повикот на Филипче, следуваше по потпишувањето на Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери потенцира дека овие избори нема да бидат вообичаени зашто нема да има вообичаена изборна кампања, а сите граѓани и учесници на изборите, поради ситуацијата со Ковид-19 ќе мора на најдисциплиниран начин да се придржуваат до мерките и препораките за заштита.

Десетите парламентарните избори во Северна Македонија, петти предвремени од независноста ќе ги набљудува и мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која ќе допатува за три дена во земјава, а од 22 јуни ќе биде целосно функционална за следење на изборите.

Слични содржини