Проф. д-р Биљана Ангелова, професорка на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, и проректорка за финансии, инвестиции и развој, е избрана за нов ректор на УКИМ (Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“). Изборот беше одржан на сите 28 единици на универзитетот, кои вклучуваат 23 факултети и пет институти. Гласањето траеше од 12 до 14 часот и се одвиваше во најдобар ред.
На изборите за нов ректор на Скопскиот универзитет се пријавени шест кандидати. Вкупно 1419 гласачи имаа право да гласаат. Резултатите од гласањето за секој од кандидатите ќе бидат објавени на веб-страницата на УКИМ. По објавувањето на резултатите, се предвидува период за поднесување приговори во рок од три работни дена. На 6 јуни ќе бидат објавени конечните резултати, ако нема потреба од прегласување. Доколку е потребно ново гласање, тоа ќе се случи на 9 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден. Конечните резултати за избор на ректор се очекуваат да бидат објавени на 15 јуни.
Проф. д-р Биљана Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992 година. Има искуство како раководител на различни програми и институции на универзитетот. Во моментов, таа е проректорка за финансии, инвестиции и развој на УКИМ и веќе извршува втор мандат на оваа функција. Ангелова е специјализирана во областа на деловни финансии и финансиски менаџмент.