Избрани девет нови амбасадори – Муртезани во НАТО, Ефремов во Бугарија

Зелено светло за девет македонски амбасадори, Сиљановска-Давкова ќе треба и официјално да ги испрати во дипломатска мисија

од Nikola Popovski
12 прегледи

Девет нови амбасадори ќе ја претставуваат Македонија во странските земји. Нивните имиња вчера поминале на владина седница.

Орхан Муртезани, поранешниот министер за европски прашања ќе биде новиот амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. Илина Мангова, која доаѓа од невладиниот сектор ќе замине во Лондон.

Останатите имиња се добропознати во дипломатијата. Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде нов македонски амбасадор во Бугарија. Во Романија, на местото на Андреј Жерновски ќе оди Габриел Атанасов кој што сега е вработен во МНР, а од кабинетот на Тимчо Муцунски во седиштето на Хаг ќе замине Линда Салиеска-Иљазоска.

Предложените амбасадори прво ќе треба да ги достават програмите и плановите до матичната собраниска комисија, потоа согласно надлежностите претседателката Сиљановска-Давкова ги именува амбасадорите во странство.

На вчерашната владина седница изгласан е предлог за две имиња за конзулатите во Мелбурн и Солун.

Од претходно се познати и имињата на Веле Трпевски како амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ во Токио, Димитар Блажевски во Киев и Фадиљ Зендели во Копенхаген, кои исто така ја чекаат процедурата во Собранието.