Издаден налог за апсење на синот на Светозар Маровиќ

од Vladimir Zorba
84 прегледи

Специјално државно обвинителство од Подгорица издаде налог за апсење на Милош Маровиќ, син на претседателот на некогашната државна заедница Србија и Црна Гора и актуелен директор на Политичкиот совет на црногорската владејачка Демократска партија на социјалистите (ДПС), Светозар Маровиќ.

Како што јави државната Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), налогот за апсење на Милош Маровиќ е издаден по приведувањето на поранешниот директор на црногорскиот Завод за изградба, Стеван Драговиќ.

Драговиќ, Маровиќ помладиот, како и Марко Вујовиќ, за кого исто така е издаден налог за апсење, се товарат за „злоупотреба на службената положба“ и за „помагање во злоупотреба на службената положба на организиран начин“.

Станува збор за обвиненија поврзани со злоупотреби и корупција во врска со изградбата на трговскиот центар „Плаза“ и уредувањето на плажата Јаз во Будва, со што осомничените ја оштетиле општинската каса за над 10 милиони евра./МИА