Изгаснат пожарот на галијата кај „Холидеј ин“

од Nikola Popovski
498 прегледи

Изгаснат е пожарот кој попладнево изби на една од напуштените галии во реката Вардар, во центарот на Скопје.

Според информациите, интервенирано е со три противпожарни возила.

Со брзата интервенција на три противпожарни екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје е изгаснат пожарот во галијата. Засега причината е непозната, но нема довод на електрична енергија, а има поголема количина на смет, причината е најверојатно човечки фактор, истакна командантот на противпожарната бригада, Звонко Томески.

Нема информации за повредени лица.

Не е првпат оваа галија да биде опожарена. Пред две години, исто така се разгоре пожар. Град Скопје уште тогаш почна да ја урива галијата. Во моментов таа е празна. Иако имаше најави дека целосно ќе биде отстранета од коритото на Вардар, запуштениот објект се уште стои во водите.

Галијата „Среќа“ е една од три галии во реката Вардар, од кои две се запуштени.

Тие се дел од проектот „Скопје 2014“ на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, со кој се потрошија 700 милиони евра за да се измени ликот на центарот на Скопје. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар.

На јавното наддавање во Град Скопје во феврари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

Слични содржини