Изгласан Буџетот на општина Карпош за 2024

од Nikola Popovski
259 прегледи

Советот на Општина Карпош денеска повторно заседаваше, каде советниците ги разгледуваа и одлучуваа за точките кои се најдоа на Дневен ред на продожението на 37-мата седница. Во рамки на денешната седница, советниците со мнозинство гласови го поддржаа новиот Буџет на локалната самоуправа за 2024 година.

Во таа насока, Министерството за финансии ја извести Општината дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот Буџет за 2024 година ќе изнесува 546.301.959 денари. Но, со оглед на фактот дека локалната самоуправа ќе добие и средства како приход од ДДВ за 2024 година во висина од 24.435.830 денари, во тој случај основниот Буџет на Општина Карпош ќе изнесува 570.737.789 денари.

Консолидираниот Буџет (вклучувајќи ги тука и сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош) ќе изнесува 1.262.790.000 денари, од кои најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите кои кои ќе бидат остварени преку трансфери и донации во висина од 656.713.000 денари, или 52%. Даночни приходи ќе бидат остварени во висина од 512.914.000 денари или 40,6%, додека пак останатите 6,3% или 79.013.000 денари се неданочени приходи, како и капитални приходи во износ од 14.150.000 денари односно 1,1%.

Согласно Буџетот, на претходната седница беа изгласани и годишните Програми на Секторите и Одделенијата на локалната самоуправа. Оттука, според Предлог – Програмата за активностите на Општина Карпош од областа на образованието за 2024 година, вкупно се предвидени 14.325.000 денари. Според Предлог – Програмата во областа на информатичката технологија за 2024 година, Општина Карпош предвидува вкупна финансиска рамка во износ од 7.500.000 денари. За финансирање на активностите утврдени со годишната Програма на Секторот за односи со јавноста и информации на граѓаните, предвидени се вкупно 3.630.000 денари, а за реализација на Програмата на Секторот за екологија и енергетска ефиксност за 2024 година се предвидени вкупно 132.300.000 денари.

За изградба, редовно и инвестиционо одржување и зимско одржување на сервисните, станбените улици и локалните патишта на територија на Карпош, ЈП за државни патишта на РСМ и одобрува средства на Општина Карпош во висина од 5.238.000 денари. Во овој случај, локалната самоуправа ќе ги распореди овие средства, и тоа за изградба на сервисни, станбени улици и локални патишта се предвидуваат финансии во висина од 50% од вкупно одобрените средства, поточно 2.619.000 денари. За редовно и инвестиционо одржување на коловозот се предвидуваат 1.571.000 денари или 30% од вкупноодобрените средства, додека за зимско одржување на улиците се предвидуваат средства во висина од 20% од вкупноодобрените, кои изнесуваат 1.048.000 денари.

Поддршка доби и Предлог – Програмата за одбележување на 48 годишнината од формирање на Општина Карпош, за чија реализација се предвидува финансиска конструкција во висина од 2.000.000 денари. За активностите од областа на културата за 2024 година, Општината ќе обезбеди вкупно 3.800.000 денари, а за реализација на Програмата за развој, локалната самоуправа предвидува вкупно 9.000.000 денари.

Општина Карпош ќе ги финансира и активностите кои се утврдени во годишната Програма за поддршка на спортот за 2024 година, со вкупен износ од 6.670.000 денари, а за реализирање на Програмата од областа на месната самоуправа ќе бидат одобрени 340.000 денари. За спроведување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година се планирани 700.000 денари, додека пак според Програмата за уривање на објекти кои се бесправно изградени на територија на Карпош се предвидени вкупни финансиски средства во висина од 3.000.000 денари.
Со мнозинство гласови од советниците беше поддржана и годишната Програма за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Карпош за 2024 година, за која се предвидени 40.650.000 денари. Средствата се предвидени за доградба на новата општинска зграда и истите се обезбедени од планираните изворни средства од Буџетот на Општината. Тука влегува и подпрограмата со која се финансираат и проекти од областа на енергетската ефикасност, односно тековно оперативни трошоци за трансфери кон граѓаните на Карпош за субвенционирање на фасади, лифтови и покриви во износ од 24.000.000 денари. Според подпрограмата за одржување и заштита на локални патишта и сервисни улици се предвидени 6.000.000 денари, а за подпрограмата за изградба на паркиралишта, од општинскиот Буџет се предвидени 2.100.000 денари. Локалната самоуправа предвидува и средства за тековно одржување на основните училишта кои се наоѓаат на нејзина територија, во висина од 8.000.000 денари.

Со истата динамика беше одобрена и Програмата за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2024 година, за чија реализација се предвидени 1.200.000 денари, како и Програмата за заштита и спасување на граѓани и материјални добра за 2024 година, за која се предвидува финансиска конструкција во износ од 2.200.000 денари

„Зелено светло“ од Советот доби и Програмата од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2024 година, за која Општината од својот буџет предвидува парични средства во висина од 7.049.836 денари.

На денешната седница беше усвоен Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на кој ќе се одобруваат финансиски средства (субвенции), за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување на нови лифтови во станбените згради во Карпош, како и Правилникот за условите, критериумите и начинот на субвенционирање на карпошани, за поправка и санација на покриви на зградите и замена на азбестни покриви на куќите на територија на локалната самоуправа за 2024 година.

Општината ќе обезбеди финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување на нови лифтови на територија на Карпош, во вкупен износ од 3.000.000 денари. Висината на субвенционирањето ќе биде најмногу до 50% но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и/или санација на постоечкиот лифт или поставување на нов лифт, за секоја одобрена апликација.

Локалната самоуправа ќе доделува субвенции на граѓаните на Карпош, кои сакаат да извршат поправка и санација на покриви на зградите или замена на азбестни покриви на куќите. За таа намена, Општината ќе има на располагање фонд во висина од 3.000.000 денари. Притоа, за колективните станбени објекти (зградите) ќе се доделуваат најмногу до 50% но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санација на кровниот покривач за секоја одобрена апликација. За индивидуалните станбени објекти (куќи) пак, ќе се доделуваат најмногу до 60% но не повеќе од 120.000 денари, од вкупниот износ на вредноста на замена на азбестниот покрив, за секоја одобрена апликација.

Слични содржини