Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства.
Нацртот беше поддржан од 84 држави, 19 беа против, а 68 беа воздржани.
Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда, а спонзорирана од уште триесет земји, меѓу кои се и земјите од Квинте и сите поранешни југословенски републики освен Србија и Црна Гора.
Покрај предлагачите Германија и Руанда, спонзори на резолуцијата се: Албанија, Австралија, Австрија, Бангладеш, Белгија, БиХ, Бугарија, Чиле, Данска, Естонија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Ирска, Исланд, Италија, Јордан, Канада, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Маршалските Острови, Норвешка, Нов Зеланд, Полска, САД, Северна Македонија, Словенија, Шведска, Турција, Велика Британија и Вануату, се наведува во нацрт резолуцијата.
Нацрт-резолуцијата безрезервно ги осудува дејствијата кои ги глорифицираат осудените за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница. Исто така, се нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница и нивно достоинствено погребување и се повикува на продолжување на кривичното гонење на сторителите на геноцидот во Сребреница.
Се повикуваат сите држави целосно да се придржуваат кон своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на криминалот на геноцид, меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид, притоа почитувајќи ги одлуките на Меѓународниот суд на правдата.
„Резолуцијата нема да придонесе за зајакнување на довербата, туку ќе отвори стари рани и ќе донесе нови поделби во регионот и во Обединетите нации. Бев во Сребреница и им се поклонив на бошњачките жртви, но за малку ќе бев линчуван. Зошто се носи резолуцијата кога станува збор за индивидуална одговорност и сите одговорни се веќе осудени“, изјави Вучиќ пред гласањето.