Конаковиќ: БиХ ќе испрати протестни ноти до државите кои во ОН гласаа против резолуцијата за Сребреница

од Илинка Илиоска

Министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ изјави дека БиХ утре ќе испрати протестни ноти до сите држави кои денеска во Генералното собрание на ОН во Њујорк гласаа против резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година и се осудува негирањето на геноцидот и величањето на воените злосторници.

Резолуцијата беше усвоена со 84 гласа „за“, 19 „против“ и 68 воздржани. ОН имаат 193 земји-членки.

Конаковиќ оцени дека се прават обиди да се минимизира бројот на земјите кои гласаа „за“, но нагласи дека само 19 земји гласаа „против“, додавајќи: „Нам ни беше важно тој резултат да биде позитивен. Односот е 4:1 во корист на оние кои се на страната на вистината“, истакна тој.

– Сметаме дека тие што гласаа против се на страната на извршителите на воени злосторници и дека не ги почитуваат пресудите на меѓународните судови. Тоа е наша човечка обврска, рече Конаковиќ, пренесуваат сараевските медиуми.

– Од нас се очекува да имаме единствен став во БиХ со оние за кои се носи резолуцијата, вели министерот, додавајќи дека гласањето за резолуцијата „не е никаква победа ниту натпревар, туку борба да се позиционира вистината како што заслужува“.

– Многу ни е важно што денеска не слушнавме никој да зборува против фактите освен (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ и дека „важно е што целиот регион, освен Србија, беше на вистинската страна, истакна Конаковиќ.

Тој оцени дека Вучиќ бил „агресивен“ и дека „успеа да ги минимизира и големите светски сили“, што, според него, ќе има последици за кои Вучиќ ќе мора да одговара пред сè на јавноста во Србија.

Конаковиќ ги повика „соседите да ги смират страстите“ и да се „вратат на секојдневните проблеми кои ги имаат нашите земји. Мораме сите заедно да продолжиме по патот кон ЕУ.“

– Знаеме дека бројни земји во регионот беа под притисок, но покажаа храброст. Тоа никогаш нема да го заборавиме, потенцираше шефот на дипломатијата.

Изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за „мирно разидување“ во БиХ, Конаковиќ ја нарече бесмислена и додаде дека „нашите институции ефикасно ќе одговорат на сите кои ќе работат на дестабилизација“.

Слични содржини