Историски договор на повидок: БиХ и Хрватска градат гасовод, Русија испадна од игра

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, изјави дека финализирањето на меѓудржавниот договор со Хрватска за изградба на гасоводот „Јужна интерконекција“ е одлична работа за неговата земја, а уверен е дека со помош на американската администрација сега ќе бидат решени и некои други проблеми

од Кристијан Димков
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/BHT1

Советот на министри на БиХ во вторникот го утврди предлог-договорот со Хрватска за поврзување на гасните мрежи на двете држави на правецот од Загвозд до Посушје. Конаковиќ во средата им потврди на новинарите дека потпишувањето се очекува до крајот на април, односно за време на самитот на Иницијативата на трите мориња што ќе се одржи во Дубровник.

„Тоа е важна и одлична работа“, изјави Конаковиќ, истакнувајќи дека е значајно што договорот добил силна поддршка и од Република Српска. Поранешниот претседател на РС, Милорад Додик, претходно упорно инсистираше дека Јужната интерконекција може да се гради само истовремено со нова источна интерконекција, односно гасовод кој повторно би носел гас од Русија.

Од тоа барање Додик и неговите соработници се откажаа, а Конаковиќ смета дека тоа е јасен знак за нивна „американизација“. „Многу ми се допаѓа таа ‘американизација’ на Бања Лука“, изјави шефот на босанскохерцеговската дипломатија, оценувајќи дека исклучувањето на Русија од енергетската слика на Западен Балкан, па и на БиХ, претставува голема стратешка промена во односите на силите во регионот.

Тој очекува дека со помош на американската администрација во наредниот период би можело да се реши и прашањето за статусот на државниот имот, кое со години е причина за остри политички судири во БиХ.

Статусот на имотот кој пред распадот на поранешната СФРЈ бил запишан на поранешната Социјалистичка Република БиХ до денес не е решен. Додик и Република Српска инсистираат тој да се подели меѓу ентитетите, додека бошњачките партии бараат да се впише на државата, а потоа по потреба да се отстапува на пониските нивоа на власт.

Со одлука на високиот претставник е воведена забрана за располагање со државниот имот сè додека со закон не се реши неговиот статус. Тоа би можело да претставува проблем кога ќе започне изградбата на гасоводот по трасата на Јужната интерконекција, па затоа Конаковиќ се надева дека САД ќе интервенираат, имајќи предвид колку вложиле во проектот за новиот гасовод.

Коментирајќи го овој проблем, министерот за правда Давор Буноза (ХДЗ БиХ) во средата изјави дека статусот на државниот имот останува еден од клучните проблеми во државата.

Тој оцени дека имотот треба да се подели согласно уставните надлежности на различните нивоа на власт, бидејќи не е логично државата да одлучува за градежно земјиште на територијата на некоја општина.

„Лично сметам дека високиот претставник треба да ја укине забраната за располагање со државниот имот, особено кога станува збор за градежно земјиште“, изјави Буноза.