Изградбата е при крај: Наскоро ќе се пушти Телекомуникациската кула на Водно

од Nikola Popovski
57 прегледи

Претседателот на комисијата Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, објави дека Телекомуникациската кула на Водно е во „завршна фаза“. Притоа, тој објави и неколку фотографии и видеа од Кулата на социјалните мрежи.

-За 10 дена кранот треба да биде симнат. Остануваат неколку ситници и приклучокот за електрична енергија со ЕВН, потенцира Симов.

Кулата треба да биде висока 155 метри, што ја прави околу два и пол пати повисока од Милениумскиот крст во чија непосредна близина се гради. Изградбата почна во 2013 година, а според проектол тоа е „посебен антенски систем за контрола на радиофреквенции“. Кулата требаше и да биде атракција и обележје на градот.

Во 2013 година беше објавено дека системот се гради на врвот на Водно како најпогодна локација што ќе придонесе за подобро покривање на дел од територијата каде има најголема концентрација на емитери. Во Кулата ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи… Со тоа, истакнуваа тогаш од АЕК, ќе се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции.