„Изгубивме голем човек…“: Потресна објава на колегите на загинатиот Саздовски

од Nikola Popovski
459 прегледи

Во петокот на железничката станица во Нови Сад се случи трагична несреќа кога бетонска настрешница падна од зградата на станицата. Меѓу жртвите е и Васко Саздовски, 45-годишен научник од Македонија. Toj oд пред една година работел во Институт во Нови Сад, каде што се занимавал со роботика и истражување и развој на информатички технологии за земјоделство. За жал, неговата кариера и живот беа скратени во оваа трагична несреќа.

– Тимот на Институтот BioSens изразува најдлабоко сочувство до семејството на нашиот трагично настрадан колега Васко Саздовски. Изгубивме голем човек, исклучителен колега и соработник, одличен експерт, еден од луѓето кои го направија светот подобро место. Институтот BioSens сочувствува со болката на најблиските на сите жртви во трагедијата во Нови Сад. Почивајте во мир, напишале од компанијата во која работел.

Потсетуваме, во невидената трагедија која се случи во петокот загинаа четиринаесет лица, а тројца се потешко повредени.

Српските власти почнаа со истрагата за причините. Тамошната полиција досега сослушала 30-тина луѓе во врска со несреќата, меѓу нив има лица и од српското Министерство за транспорт. Беше сослушан и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ кој потврди дека дал изјава во полициската управа во Нови Сад во присуство на обвинител. Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ посочи дека освен кривична, ќе се бара и политичка одговорност.

Состојбата на повредените во несреќата во Нови Сад и натаму е сериозна.

Слични содржини