Изјавите на Мицкоски покажуваат раздор, велат од Организацијата на ветерани на ОВК за најавениот протест во Скопје

Неизвесен протестот за поддршка на лидерите на ОВК, македонските власти сè уште не одговориле на барањето на Организацијата на ветерани за користење на јавниот простор

од Nikola Popovski
2 прегледи Фото: Фејсбук

Претставникот на Организацијата на ветерани од војната на ОВК, Газменд Суља денеска на прес-конференција, во врска со потребните барања за непречено одвивање на протестот што ќе се одржи во Скопјe на 13 декември, информирал дека македонските власти сè уште не дале никаков одговор на такво нешто.

„За жал, до вчера не добивме одговор од официјално Скопјe во врска со користењето на јавниот простор, барањето што го упативме. Чекаме, веруваме дека дотогаш ќе добиеме одговор од нив“, изјавил Суља на прес-конференција.

Во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека не го поддржува овој протест, Суља појаснил дека Организацијата на ветерани на ОВК не го поканила Мицкоски да учествува на собирот.

„Не ја испративме поканата само до Мицкоски. Ова е слично на изјавите на (поранешниот премиер Љубчо) Георгиевски од 2001 година, изјави кои не покажуваат единство на сите заедници што живеат во Северна Македонија, туку раздор. Затоа тие беа неприфатливи за нас, бидејќи овие протести ги одржавме и на други места, никогаш со цел да влијаеме на внатрешната политика, туку да покажеме солидарност со нашите другари што се таму. Верувам дека Македонија како земја се стреми да влезе во европското семејство и затоа требаше да ни ја гарантира таа можност, право кое е загарантирано и со Уставот – правото на мирен протест“, рекол тој.

Мицкоски изјави дека е погрешен потег на лидерот на ДУИ, Али Ахмети што го најави протестот во поддршка на поранешните лидери на ОВК, на кои им се суди во Хаг, за 13 декември во Скопјe.

„Со овој протест, тие се обидуваат да се мобилизираат пред партискиот конгрес, но само ќе докажат дека ќе им биде многу тешко да најдат коалициски партнер во иднина. Јас не ја поддржувам таа идеја и не се согласувам со тој протест. Убеден сум дека ниту ВЛЕН нема да го поддржи“, рече вчера премиерот.

Мицкоски за протестот за поддршка на лидерите на ОВК: Не го поддржувам, погрешен потег на Ахмети