На 4 февруари 2022 г. (петок) во 12:00 часот во НУ Музеј на македонската борба, на свечен настан ќе биде отворена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ што ја подготви Државниот архив, а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.

Државниот архив преку изложбата ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава.

Слични содржини