Изложени стари црковни книги во Штип: Сведоци на старословенската писменост

од desk4
217 прегледи

Во штипскиот Музеј денеска за првпат се изложија стари црковни книги кои беа собирани во депотот во текот на последните 50 години. Митко Штерјов, директор на Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музејот на град Штип, истакна дека книгите се стари и датираат од по неколку века, а во наредните десетина дена може да бидат видени од граѓаните во Штип.

“Овие книги беа собирани од црквите во Источниот дел на Македонија, главно од Општина Штип, и се наоѓаа во депотот на Заводот и музејот во Штип. Оваа година успеавме да ги селектираме и подготвиме дел од нив за изложба. Изложени се повеќе од 30 книги, а најстарите потекнуваат од 17, 18 и 19 век. Најстарата книга е од 1721 година. Ваквите книги се во многу лоша состојба, но со мала интервенција успеавме да ги селектираме и изложиме”, изјави Штерјов.

Штерјов додаде дека изложените книги потврдуваат употребата на старословенската писменост во манастирите и црквите. Истовремено, истакна дека има уште многу книги кои треба да бидат конзервирани, но недостасуваат луѓе кои би работеле на овој проект.

“Како установа, и не само ние, туку целата Македонија се соочува со проблемот што немаме конзерватори за книги и монети. Конзервацијата на овие книги е специфична и бара стручност. Во Македонија има неколку луѓе кои работат на оваа проблематика, но треба да се преземат активни мерки за решавање на овој проблем”, изјави Штерјов.

Изложбата на црковните книги се одржува по повод на утрешниот празник посветен на светите браќа Кирил и Методиј. Таа е дел од проектот на штипскиот музеј, спроведен во соработка со Министерството за култура.

Слични содржини