Поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ кој што беше во куќен притвор за случајот „Феникс“, е првиот обвинет од поранешните функционери што ќе ги добие поволностите од новите измени на Кривичниот законик. Судот му ја укинал мерката и сега тој е на слобода.
Дејствијата кои ги сторил Тодоровиќ се до 2013, па наместо во 2043, делото целосно му застарува годинава, според најновите измени на КЗ што стапија на сила на 15 септември. Сепак, останува меѓу осомничените се додека фактички не настапи застарување на делото.
Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Обвинителот не ги посочи имињата на осомничените, но, според нивните своевремени функции, станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е првоосомничен, второосомниочен е поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, а меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, дел од „Скопје 2014“, а истрагата е отворена по 10 години.