Измените на законот за пушење на дневен ред на Комисијата за здравство

од desk2
88 прегледи

Комисијата за здравство денеска ќе расправа за Предлог-закон за изменување на Законот за заштита од пушењето, кој до Собранието го поднесе пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ.

Во поднесениот предлог се наведува дека со измените и дополнувањата на текстот на Законот од 2008 година наваму, воведувани се построги правила на заштитата од пушењето кои, особено во делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност и за корисниците на угостителските услуги и за самите пушачи.

„Актуелните законски решенија ја влошија економската состојба во Република Македонија, со тоа што заради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе баровите, кабареата, дискоклубовите, пивниците и коцкарници, сопствениците беа принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголеми и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отварање нови работни места. Угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот (околу 75%) особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.)“, стои во документот.

Угостителите, се наведува во предлогот, се принудени нивните гости кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости, или пак да ги упатат гостите вон деловниот објект, вклучително и вон терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично и непродуктивно.

„Контрадикторноста на Законот ја гледаме во тоа што истото дејствие, т.е. запалена цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча и слично) ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети, не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција, која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, стои во предлогот.