Вчера во Кочани и во Скопје мирни собири и 60-минутен молк како почит кон 59-те жртви загинати во стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Присутните побараа правда за прерано и трагично згаснатите млади животи. Повикуваа целосно да се расветли случајот. Мирни собири во Кочани и во Скопје се закажани и за денеска.
Помина една недела и седумневната жалост. Што да се очекува од денес? Како да се продолжи понатаму? Според поранешниот политичар и активист, Ѓунер Исмаил, во овие случаи работите се стигнати до работа на сите неволји кои што ова општество го снаоѓаат со децении и нормално е да се очекува дека граѓаните се будат. Иако не е лесно, според него, будењето не мора да значи дека секогаш ќе стигне до рационално промислување на состојбата во која се наоѓаат граѓаните.

Ѓунер Исмаил
-Дали ќе се случуваат протестите и во кој вид граѓаните ќе реагираат или ќе продолжат да живеат понатаму, не може да се предвидува. Гледаме некакви знаци на самоорганизирање, но тоа е допрва. Седум дена се премалку за да воопшто се слегнат првите бурни емоции кои што не снајдоа сите, истакнува Исмаил во разговор за „Локално“.
Запрашан како политиката да се исклучи од оваа борба за промена на системот кој уби 59 деца, соговорникот посочува дека политиката можеби да се исклучува на разни можни начини. Првиот би бил самата политика да се исклучи, што е незамисливо.
-Сите други начини подразбираат некои облици на игнорирање. Какви ќе бидат, тоа зависи од креаторите на тие кои што посакуваат исклучување на политиката од сите процеси во општеството, на можно заздравување на општеството, оценува поранешниот министер, додавајќи дека младите се на добар пат да почнат да се чувствуваат како еден од важните елементи на општествениот организам.
-Тоа е многу битно. Исто така е важно тие млади луѓе да дојдат до вистински решенија за нивниот настап и пристап кон она што во општеството ќе се случува, а околу кое што тие беа игнорнирани и заобиколувани. Не смее да се премолчи. Младите исто така се самоизолираа од случувањата во општеството и мислеа дека живеат во еден паралелен свет, се додека тој свет не го доживеаја во неговата најсурова форма – трагичниот настан во Кочани, заклучува Исмаил.
Од друга страна, повиците за итни акции се се поприсутни. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски очекува државата да почне турбо со реализација на она што вети дека ќе го тера, а тоа е ред и поредок. На крајот на краиштата, за тоа и беше избрана.

Александар Ристевски
Спорото темпо, очигледно ќе мора да го заврза, и не смее да се има двојни аршини. Протестите кои се искрени и се форма на револт се разбирливи. А сите оние кои ќе пробаат да креираат дестабилизација и криза, треба да се санционираат веднаш. Гледаме веќе дека има такви ликови, но и сценарија од страна, смета Ристевски во разговор за „Локално“.
Соговорникот смета дека политиката не може да се исклучи од оваа борба за промена на системот.
– Тие кои ја имаат власта, тие ги креираат политиките и преку политика дошле на позициите. Тие кои се сега опозиција се плашат од последиците, а и на картата немири и дестабилизација доаѓаа во повеќе наврати на власт. Единствено треба да се бориме за широка јавна дебата и носење на одредби за контролни механизми, тврди аналитичарот.
Според него, младите и студентите се иднината, ама не може да бидат основата на промените. Ристевски дава пример на што ја темели својата анализа.
-Пред повеќе од 10 години имаше огромни протести. За што беа? Против екстерното отценување. Малдите тогаш гласаа против ред. Ајде така да скокаа единичарите, ама се бунеа и одличните. Е па тие просечните направија кариери и се инфилтрираа во системот, одличните или се сега потрчковци, или се во странство. Јас ја сакам енергијата на младите. Јас сум бил бунтовен младинец, ама за работи за кои сум диретно засегнат. Младите нема се изборет пак да бираат претставници непосредно со гласање, а не делегатски. Малдите треба да се борат да им ги редат тоалетите на факултетите, книгите, нагледните средства, студентските домови, да има возови, повеќе, патувања, пракси. Ако се изборат за подобрување на студентскиот живот, во иднина ќе направат подобро општество. Секој треба да почне од својата средина и просторот и темата која ја знае. Младите треба прво битките да ги добијат во местото во кое се сега за да напредуваат и да се ценат најдобрите. Тоа е почеток некаков за темелни промени. За почеток нека бараат современи технологии во универзитеткото административно работење, анализира Ристевски.
Со истрагата за пожарот досега се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвинителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. По 30-девниот притвор за седумте полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани, како што информираа завчера од Основниот суд Кочани таква мерка е определена за сите 24 лица за кои имаше барање од Основното Јавно обвинителство. Меѓу 24. лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев, поранешниот министер за економија Крешник Бекштеши.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека протестите се демократски начин за изразвуање на гневот и револтот по трагедијата во Кочани. Сепак упати обвинувања кон одредени политички актери и го впери прстот кон нив.
-Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме. Многу работи изминативе 9 месеци, откако е избрана оваа Влада, се решија. За многу работи оваа Влада беше браник да не дозволиме да продолжи понижувањето, разграбувањето, националното уништување на Македонија. И токму тоа е за тие политички глодари проблем кој сакаат преку овие протести да добијат некој политички поен, па гледаат шанса. Јас апсолутно се придржувам на изразувањето револт и гнев затоа што уште многу работи пред нас останаа да се решат, но ќе се бориме до последен атом енергија кој што го имаме да исправиме нешто во име на идните генерации кои што доаѓаат, рече Мицкоски и додаде дека ги разбира луѓето кои демократски протестираат, но не ги оправдува „политичките глодари и лешинари кои не сакаат силна влада на ВМРО-ДПМНЕ која е браникот кој нема да дозволи уништување на Македонија“.
Н.П.