Заврши првиот круг од локалните избори. Во тек е пребројување на гласовите во одредени изборни места, а некои општини и добија свои градоначалници. Втора среќа ќе побараат кандидатите на 2 ноември, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори. Сепак, според првичните неофицијални резултати, во најголем дел од општините победија кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Иако владејачката партија исходот од првиот круг го прогласи како победнички, универзитетскиот професор и политичар Оливер Андонов за „Локално“ вели дека за 15 месеци, ВМРО-ДПМНЕ има пад од повеќе од една третина од гласовите. Како што потенцира, потполно исто се случува и со СДСМ.
-Не сум изненаден од резултатите на изборите, затоа што очигледно дека политиките на Владата доведоа до една разочараност и апатија кај граѓаните, а од друга страна, нема друга политичка сила која би се спротиставила на ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа е сега така во моментот. Откако целосно ќе завршат локалните избори, посебно во Град Скопје, ќе имаме состојба во која јасно ќе можеме да видиме каква ќе биде состојбата по однос на довербата на граѓаните кон властите, посочи Андонов.
Тој изборите ги оценува како драстичен пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ, што е сериозно прашање за размислување во ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи дека во СДСМ се потребни коренити промени.
-Не сум изненаден воопшто и очекувани ми се овие резултати. Можеби малку сум изненаден што ВМРО-ДПМНЕ надмина 300 илјади гласови, но споредувајќи со локалните избори од 2021 година, 13 илјади гласови разлика за четири години власт во повеќето општини во Македонија и за 15 месеци во државна власт, е многу мал раст, ако сака некој да го цени како раст, рече Андонов.
Тој смета дека не се за изненадување добиените речиси 31 илјади гласови дадени за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ.
-Не е за изненадување Амар Мециновиќ, со речиси 31 илјада гласови. За мене е поголемо изненадување тоа што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, не надмина сто илјади. ВМРО-ДПМНЕ знаело на времето во прв круг да поминува и со 130 до 140 илјади гласови, дури и да победи со речиси 200 илјади гласови. За СДСМ воопшто не сум изненаден. СДСМ е дури пета политичка сила, по однос на гласови за градоначалник, рече Андонов.
Според Андонов, не може да очекувате од луѓе кои биле во влада со Заев и со Ковачевски, да го „вадат“ СДСМ.
-Најинтересно е што СДСМ упорно се обидува да се бори со пропаднати кадри. Јас немам позитивно мислење за Левица од идеолошки аспект. Растењето на Левица во однос на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на СДСМ е идеолошки опасна работа за државата, вели Андонов.
Тој смета дека е можно Амар Мециновиќ да победи единствено ако покрај гласовите на СДСМ и ДУИ, успее да ги мотивира и оние неопределени граѓани кои не излегоа да гласаат.
Андонов е на ставот дека ВМРО-ДПМНЕ има силна потреба од демократизација и реформи во партијата, како и од европски пристап.
-Не верувам дека ова ќе биде главниот мотив за граѓаните како да гласаат. Главниот мотив ќе биде корупција, криминалот, неспособноста, невладеење на правото и нерешавање на потребите на граѓаните. Растот на Левица во иднина не е од полза за државата затоа што нема да има евроинтеграции, но во тој контекст ние ни сега немаме евроинтеграции. И сега сме блокирани со ВМРО-ДПМНЕ, рече Андонов.
Тој додаде дека во вториот круг тешко дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да привлече повеќе гласови, иако ќе се игра на варијанта дека се победници, а луѓето генерално се приближуваат кон победниците.
Од друга страна, како што додаде, Левица ќе оди на тоа дека треба да се добие баланс меѓу градоначалникот и Советот.
-Многу е веројатно и дека ќе се оди на емоции и ќе се повикува на досегашното искуство. Ние видовме дека дисбаланс меѓу градоначалникот и Советот доведува до парализа на градот, што е проблем во изборниот модел. Од тука, основната премиса на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во насока на тоа дека ако веќе имаат мнозинство во Советот, добро е да биде и градоначалникот нивен, за да не се повторува приказната со Данела. Од друга страна, за очекување е опозициската Левица да прати порака дека е подобро да имаме баланс, една партија со мнозинство во Советот, а од друга партија во Градот Скопје, посочи Андонов.
Тој останува на ставот дека ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи покажа исклучителна слабост, за само 15 месеци.
-Такво нешто до сега се нема случено во историјата на изборите во Македонија, вели Андонов.
Како што посочува, колку и да се сака да се претстави ова како една голема победа, всушност станува збор за големо предупредување за ВМРО-ДПМНЕ, во однос на нивната понатамошна политика.
Поранешен член на Левица и довчерашен кандидат за градоначалник на Град Скопје од Движењето Слободни и независни, Владимир Куновски за „Локално“ посочи дека помалите партии воопшто немале можност во изборната кампања да ги презентираат своите програми, додека големите партии имале два ипол милиони евра буџет од државните средства.
-Ние помалите партии и независни кандидати немавме можност воопшто да ги презентираме своите програми, а големите партии пред се, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, имаа по два ипол милиони евра буџет од државните средства за медиумите. Ние имавме вкупно 700 евра. Исто така, немаше дебати. ВМРО-ДПМНЕ речиси секаде ги избегна дебатите, а и не се отворија главните прашања за локалната власт, како што е финансирање на општините, рече Куновски.

Фото: Фејсбук/Владимир Куновски
Според Куновски, после Кочани, ВМРО-ДПМНЕ не требаше да постои.
-Тоа што ВМРО-ДПМНЕ испазари 300 илјади гласа е премногу, после трагедијата во Кочани. Во најголем дел од кампањата, ВМРО-ДПМНЕ акцент го стави токму на Кочани, рече Куновски.
Куновски е на ставот дека кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ можеби е освежување на политичката сцена, но е далеку од добар кандидат.
-Јас секако дека ќе го гласам него, не затоа што е добар, туку ќе гласам против ВМРО-ДПМНЕ, затоа што после Кочани се гледа дека е терористичка организација против Македонците, вели Куновски.
Прашан дали Амар Мециновиќ има шанса да го освои главниот град во вториот круг од локалните избори, Куновски одговори дека може ќе има шанса доколку се потруди, но тука голем фактор ќе биде ВЛЕН, кој ќе му ги даде гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Во вториот круг главен фактор ќе биде ВЛЕН, кој ќе му ги даде гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби тоа ќе биде пресудно. Дури и да се здружат сите граѓани и сите други политички опции и да му дадат поддршка на Мециновиќ, мислам дека ВЛЕН ќе ја одигра клучната улога, бидејќи ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ, рече Куновски.
На прашањето дали очекува поголем број на гласачи да излезат на гласање во вториот круг од локалните избори, Куновски одговори дека бројката на гласачи би останала во истите рамки како и во првиот круг, а може дури да излезат и помалку гласачи.
Б.Т.