Изненадување: Челси прашува за Мегваер

од Vladimir Zorba

Челси упатиле барање за можноста да го ангажира дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер, според „Дејли Мејл“. Лондончани ја разгледуваат опцијата да го вклучат англискиот интернационалец како дел од зделката за трансферот на Кристијан Пулишиќ во редовите на „црвените ѓаволи“.

Не е тајна дека Челси е во потрага по нов играч кој ќе ја засили одбраната. И покрај ангажманот на Калиду Кулибали од Наполи, на „сините“ им треба барем уште едно засилување во таа област бидејќи клубот беше напуштен од Антонио Рудигер и Андреас Кристенсен летото и моментално имаат малку опции во центарот на одбраната.

Главна трансфер цел на Челси е Весли Фофана од Лестер. Сепак, преговорите за 21-годишниот талент одат напорно, па затоа на „Стемфорд Бриџ“ размислуваат за други опции, а една од нив е и Мегваер.

29-годишниот Англичанец е пред губење на местото во составот на „црвените ѓаволи“. Тој беше стартер на првите два натпревари од сезоната, во кои, сепак, Јунајтед претрпе два порази со 1:2 од Брајтон и 0:4 од Брентфорд.

Поради тоа, Ерик тен Хаг најверојатно ќе направи промени на единаесетте за дербито со Ливерпул, а еден од луѓето што се очекува да седне на клупата е Мегваер на сметка на Рафаел Варан.

Слични содржини