Кинеската економија во првиот квартал од 2025 година оствари посилен раст од очекуваниот и покрај сериозните притисоци поради трговскиот конфликт со САД. Според податоците на Националното биро за статистика во Пекинг, бруто домашниот производ пораснал за 5,4 отсто во споредба со истиот период минатата година, додека аналитичарите прогнозирале нешто поумерен раст од околу 5,2 отсто.
Властите во Пекинг го гледаат овој резултат како позитивен сигнал во предизвикувачки околности, а заменик-шефот на Кинеското биро за статистика, Шенг Лаијун, рече дека тоа е „добар почеток на годината“ и посочи дека побарувачката покажува знаци на закрепнување.
Кина постави амбициозна цел за раст од околу пет проценти за целата 2025 година и се соочува со бројни предизвици на патот, вклучувајќи трговски тензии, пад на домашната потрошувачка и долгорочна криза на пазарот на недвижности.
Трговскиот конфликт со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ја искомплицира ситуацијата. Пекинг отворено ги осудува сите форми на трговски протекционизам, а Шенг во официјалното обраќање рече дека тоа е „самоуништувачки пристап што ја нарушува глобалната економија“.
Кинеските власти велат дека царините ќе имаат краткорочни ефекти, но нема да влијаат на долгорочните развојни трендови на кинеската економија. Најавија и спроведување дополнителни мерки за стабилизирање на цените и поттикнување на вработувањето.
Во меѓувреме, ситуацијата на терен ескалира. Хонг Конг Пост, специјален административен регион на Кина, објави дека го суспендира испраќањето на стоки во САД. Во официјалното соопштение се наведува дека поштата „нема да наплатува царини во име на САД“ и дека пакетите со стоки наменети за американскиот пазар повеќе нема да се прифаќаат. Оваа мерка се однесува за сите копнени пратки веднаш, а за воздушните пратки од 27 април.
Светската трговска организација (СТО) предупредува дека трговската војна може да има сериозни последици не само за САД и Кина, туку и за остатокот од светот. Се проценува дека обемот на трговската размена меѓу двете најголеми светски економии може да се намали и до 80 отсто, а последиците ќе се почувствуваат и во Европа, особено во Германија, чии најважни трговски партнери се САД и Кина.
И покрај позитивните бројки од првиот квартал, многу аналитичари сметаат дека се очекува забавување на кинеската економија во остатокот од годината. Пекинг веќе извесно време се обидува да ја поттикне домашната потрошувачка преку различни програми, како што е размена на стари автомобили и апарати за домаќинство за нови, но ефектите досега се ограничени.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Пекинг ќе продолжи да бара нови трговски партнери и ќе се обиде да привлече дополнителни странски инвестиции, со цел да ги ублажи негативните влијанија од продлабочувањето на тензиите со САД.