Израелската војска информираше дека посмртните останки на полицаецот Ран Гвили се идентификувани и ќе бидат вратени на семејството за погреб. Тој бил убиен за време на нападот на палестинската милитантна организација Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, напад што ја поттикна двегодишната израелска офанзива во Газа.
Израел претходно најави дека ќе го отвори граничниот премин Рафах кон Египет, главната врска на Газа со надворешниот свет откако ќе заврши потрагата по посмртните останки на Гвили. Портпарол на израелската влада изјави дека засега не може да даде конкретен датум за повторното отворање на преминот, додека палестинскиот технократски одбор за управување со Газа, поддржан од САД, соопшти дека границата ќе биде отворена во текот на оваа недела.
Хамас и Израел во октомври постигнаа договор за прекин на огнот, кој предвидува целосен прекин на борбите и враќање на сите живи и починати заложници во замена за ослободување на дел од Палестинците од израелските затвори. Гвили бил еден од 251 заложник киднапиран и однесен во Газа за време на нападот на 7 октомври 2023 година. Во моментот на постигнување на примирјето, 48 заложници сè уште се наоѓаа во Газа, а за 28 се веруваше дека се мртви, меѓу нив и Гвили.
Иако неговото тело беше пронајдено подоцна, администрацијата на Трамп веќе најави премин во следната фаза од договорот, која опфаќа реконструкција на Газа и демилитаризација на територијата. Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, изјави дека пронаоѓањето на посмртните останки на Гвили ја потврдува посветеноста на организацијата кон американскиот план за завршување на војната, додавајќи дека ќе продолжат да ги почитуваат сите аспекти од договорот, вклучително и поддршката на националната управа за Газа.