Израел го обвини шефот на Обединетите нации Антонио Гутереш да не презема ништо за да ги „спречи нападите на Хезболах“ на територијата на земјата.
Израелскиот коментар дојде откако Антонио Гутереш рече дека израелската војна против Хамас во Газа е „кошмар што не престанува“ што се заканува да го втурне Либан во „хаос“.
„Кошмарот за кој зборувате е реалност. Оваа реалност е дека Хезболах го зеде Либан како заложник и ОН не признаваат дека тој (Хезболах) прави нешто“, напиша израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на социјалната мрежа „Х“.
Според неговите зборови, ОН „не ја исполнува својата основна обврска“, а тоа е „спречување напади на Хезболах и барање за спроведување на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност“ со која заврши претходната војна меѓу Израел и ова либанско шиитско движење во 2006 година.
Хезболах дејствува од територијата на Либан и ја ужива поддршката на Иран.
Почна да го напаѓа Израел откако еврејската држава, како одговор на ненадејниот напад на 7 октомври минатата година, влезе во војна со милитантното палестинско движење Хамас, кое ја држи власта во Појасот Газа.
Минатата недела Хезболах се соочуваше, ден по ден, со речиси синхронизирани експлозии преку своите комуникациски уреди – пејџери и воки-токи.
И Хезболах и Либан го обвинија Израел за таа акција.
Во меѓувреме, прекуграничниот конфликт меѓу Израел и Хезболах се интензивираше.