Израелскиот кабинет за безбедност го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, израелските одбранбени сили да ја преземат контролата врз градот Газа, соопштија од премиерскиот кабинет.
Очекувањата се дека планот треба да трае 5 месеци во неколку фази.
Во меѓувреме, расте бранот критики во Израел и во странство против агресивните планови.
„Израелските одбранбени сили ќе се подготват за превземање контрола над градот Газа и истовремено давање хуманитарна помош на цивилното население вон воените подрачја“, се вели во соопштението од кабинетот.
Нетанјаху порача дека Израел има намера да преземе воена контрола врз целиот Појас Газа, за да го уништи Хамас и да ги врати заложниците.
„Нашиот план не е да ја окупираме Газа, нашата цел е да го уништиме Хамас и да ги вратиме заложниците, а потоа да ја предадеме Газа на преодна влада кај арапските сили кои ќе управуваат правилно, без да ни се закануваат“.
Иако претходно вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека Израел сака да го освои целиот Појас Газа, планот одобрен утрово се фокусира на градот Газа, најголемиот град во појасот.
Портпаролот на палестинскиот претседател Абас, вели дека ја осудуваат и отфрлаат оваа акција.
„Ја сметаме американската администрација за одговорна за ограничување на оваа израелска политика, бидејќи американските изјави само го охрабруваат Израел да продолжи со војната. Затоа, ние, палестинското претседателство, денес сме во постојан контакт со арапските лидери и со светот за да ја осудиме и отфрлиме оваа акција и да вложиме напори на сите нивоа за да ја запреме оваа агресија. Ова е опасна агресија и овие изјави се неодговорни“, се вели во реакцијата
Планот за целосно воено преземање на Газа мора веднаш да биде запрен,реагира преку соопштение високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Волкер Турк. Тој порача дека понатамошна ескалација ќе резултира со „уште поголемо масовно присилно раселување, повеќе убиства, неподносливи страдања, бесмислено уништување и со злосторства против човештвото“.
Британскиот премиер Стармер побара Нетанјаху повторно да ја преиспита својата одлука. Повика на прекин на огнот и запирање на хуманитарната криза
Нетанјаху: Планираме да ја превземеме контролата над Појасот Газа, но не за постојано