Израел нареди дополнителни евакуации во главниот град на југот на Газа, додека дипломатите продолжуваат со напорите да обезбедат пауза во војната за која Хамас вели дека однела 20.000 животи, пренесува АФП.
Обединетите нации во средата соопштија дека Израел издал наредба за евакуација на големи области на Кан Јунис, каде што се засолниле повеќе од 140.000 раселени лица.
Израел им порача на цивилите да го напуштат северот на опколената палестинска територија на почетокот на конфликтот, повикувајќи ги да бараат безбедност во јужните области.
Но, како што бројот на места каде што луѓето можат да одат продолжува да се намалува, гневот на меѓународната заедница расте поради зголемениот број на жртви.
Војната започна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.140 луѓе, главно цивили, а киднапирајќи околу 250, според извештајот на АФП заснован на израелски податоци.
Канцеларијата за медиуми на владата на Хамас во Појасот Газа во средата објави дека најмалку 20.000 луѓе се убиени на палестинските територии од почетокот на војната со Израел. Се наведува дека меѓу загинатите има 8.000 деца и 6.200 жени.
Шефот за помош на ОН Мартин Грифитс го нарече тоа „трагичен и срамен пресврт“.
Во јужниот град Рафах, каде што се кренаа огнени топки и чад по експлозиите во средата, жителите изразија надеж дека разговорите за прекин на огнот ќе успеат.