Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на состанок на тамошната влада изјави дека Израел нема да ја прекине војната додека не се постигнат сите негови цели, а тоа се уништување на Хамас, ослободување на сите заложници и осигурување дека Појасот Газа никогаш повеќе нема да претставува закана за Израел.
Нетанјаху повтори дека уништувањето на Хамас е главната воена цел на Израел, што, како што рече, подразбира уништување на преостанатите седум баталјони на таа терористичка група, операциите за расчистување што ги спроведува израелската армија во рациите во северниот и централниот дел на Појасот Газа, како и уништување на мрежата на подземни тунели на групата, што бара повеќе време.
Зборувајќи за потенцијалниот договор за ослободување на заложниците, Нетанјаху рече дека Израел нема да се согласи на секој договор, по никоја цена, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху соопшти и дека не се точни информациите во медиумите дека Израел се согласил на ослободување на голем број терористи.