Израел ги отфрли повиците на меѓународната заедница за прекин на огнот и повторно вети дека ќе го уништи Хамас.
Обединетите нации, Палестинците и голем број земји го упатија ова барање на денешниот состанок на ОН, но министерот за надворешни работи на Израел рече дека е „право на земјата да го уништи Хамас“.
Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен, исто така, ги отфрли повиците за „пропорционалност“ во одговорот на земјата на ненадејните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.
„Кажете ми каков е пропорционалниот одговор на убивањето бебиња, на силување жени и нивно палење, на обезглавување на дете? Како можеш да се согласиш на прекин на огнот со некој кој се заколнал дека ќе го убие и уништи самото твое постоење“, запраша тој.
Тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека пропорционалниот одговор на масакрот е „тотално уништување до последниот член на Хамас“, нарекувајќи ја екстремистичката група „новите нацисти“.
„Не е само право на Израел да го уништи Хамас. Тоа е наша должност“, додаде тој.
Во нападот на Хамас загинаа 1.400 луѓе, а во израелските акции што следеа загинаа повеќе од 5.700 Палестинци во Појасот Газа, соопшти палестинското министерство за здравство.