Израел, наводно, размислува за ограничен напад врз иранските нуклеарни локации и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од планот, објави „Ројтерс“.
Израелските власти, наводно, размислуваат за ограничен напад врз нуклеарни постројки за кои би била потребна помала поддршка од САД додека американските и иранските претставници се состануваат во Рим на уште една рунда разговори.
Официјален Тел Авив не ја исклучи можноста за напад врз иранските нуклеарни постројки во наредните месеци и покрај тоа што Трамп му кажа на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД засега не се подготвени да поддржат таков потег, објави Ројтерс, повикувајќи се на израелски функционер и уште две лица запознаени со ситуацијата.
Израелците ветија дека ќе го спречат Техеран да се здобие со нуклеарно оружје, а Нетанјаху инсистираше на тоа дека какви било преговори со Иран мора да доведат до целосно укинување на неговата нуклеарна програма.
Американските и иранските преговарачи се подготвени за вториот круг од прелиминарните нуклеарни преговори, кои денеска се одржуваат во Рим.
Во текот на изминатите месеци, Израел ѝ претстави на администрацијата на Трамп голем број опции за напад на ирански објекти, вклучително и некои со временски рамки за доцна пролет и лето, велат изворите.
Плановите вклучуваат комбинација од воздушни напади и операции на командоси кои се разликуваат по интензитет и би можеле да ја забават способноста на Техеран да ја вооружува својата нуклеарна програма за само неколку месеци, една година или повеќе, се наведа во текстот на „Ројтерс“.
„Њујорк тајмс“ во средата објави дека Трамп му рекол на Нетанјаху на состанокот во Белата куќа претходно овој месец дека Вашингтон сака да им даде приоритет на дипломатските разговори со Техеран и дека не е подготвен да поддржи напад врз нуклеарни постројки.
Но, израелските власти сега веруваат дека нивната војска наместо тоа би можела да изврши ограничен напад врз Иран за кој би била потребна помала поддршка од САД. Таквиот напад би бил многу поограничен од оние првично предложени од Израел.
Не е јасно дали и кога Израел би продолжил со таков напад, особено со оглед на почетокот на преговорите за нуклеарниот договор. Таквиот потег најверојатно ќе го „отуѓи Трамп“ и може да ризикува поширока американска поддршка за Израел.