Израел собори ирански дронови над Саудиска Арабија

од Nikola Popovski
18 прегледи

Израелската армија почна да пресретнува ирански беспилотни летала над Саудиска Арабија, објави израелскиот телевизиски „Канал 12“. „Тајмс оф Израел“ објави дека израелските сили почнале да соборуваат беспилотни летала надвор од територијата на Израел, повикувајќи се на воени извори.

Претходно беше потврдено дека Иран лансирал повеќе од 100 беспилотни летала кон Израел како одговор на израелските воздушни напади во текот на ноќта. На беспилотните летала им биле потребни неколку часа за да стигнат до израелска територија од Иран, а пресретнувањата започнале веднаш штом влегле во воздушниот простор над регионот.

Утрово Израел изврши обемен воздушен напад врз неколку цели во Иран како дел од операцијата наречена „Исправен лав“. Според израелски воени извори, биле погодени објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата била да се „неутрализира егзистенцијалната закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканувал дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го зголеми нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и териториите контролирани од проирански групи.

Слични содржини