Израел: Третата доза на вакцината го забавува ширењето на делта-варијантата

од Vladimir Zorba
316 прегледи

Помалку од еден месец по почетокот на „бустер“ дозара против „Ковид-19“, Израел гледа знаци на забавување на растот на бројот на заразени и тешки форми на болеста поради ширењето на делта варијантата на коронавирусот, велат официјални лица и научници.

Делтата пристигна во Израел во јуни, во време кога државата почна да ги жнее плодовите од најбрзата кампања за вакцинација во светот.

Но, со отворената економија и укинување на рестриктивните мерки, Израел пристигна од едноцифрен број на новозаразени и без смртни случаи минатата недела на околу 7.500 нови случаи дневно, со 600 луѓе во критична состојба и повеќе од 150 смртни случаи само таа недела.

Блискоисточната држава започна да дава трета доза вакцини Pfizer и BioNTech на луѓе над 60 години на 30 јули, станувајќи прва земја што го сторила тоа.

Во четвртокот, таа ја прошири таа опција за оние над 40 години кои ја примиле последната доза пред најмалку пет месеци. Беше објавено дека старосната граница може дополнително да се намали.

Во изминатите десет дена, пандемијата забави во првата возрасна група во која повеќе од милион жители ја добија третата доза, објави израелското Министерство за здравство.

Стапката на инфекција кај вакцинираните лица над 60 години, т.н. репродуктивен број, почна да опаѓа на 13 август и сега е под 1, што значи дека пандемијата забавува.

Научниците тврдат дека третата доза придонесува за тоа, но веројатно и други фактори, пренесе Ројтерс.

„Бројките се уште се многу високи, но тоа се промени за да се намали брзиот раст на бројот на заразени и тешки случаи, како и брзината со која се шири пандемијата“, рече Еран Сегал, аналитичар на податоци на Универзитетот Вајцман и советник на израелската влада.

„Причината за ова е веројатно „бустер“ дозите, зголемувањето на бројот на оние кои ја примиле првата доза и големиот број на луѓе кои се заразувале секоја недела, евентуално до 100 илјади, кои потоа имаат природен имунитет“, додаде тој.

Засилувачка доза или „заклучување“

Откако достигна една од највисоките стапки на инфекција по глава на жител во светот овој месец, прашањето е како Израел ќе излезе од четвртиот бран на инфекција без повторно воведување на општ државен карантин што би бил удар за нејзината економија.

Се појавуваат докази дека, иако вакцината е многу ефикасна во спречување на тешки форми на болеста, нејзината заштита слабее со текот на времето, пишува Ројтерс.

Меѓутоа, не постои консензус меѓу научниците и здравствените агенции дека е потребна трета доза, а Светската здравствена организација (СЗО) рече дека приоритет е да се вакцинира остатокот од светот, односно земјите каде што помалку од 1 до 2 проценти добиле доза, пред развиените земји да се вакцинираат со третата доза.

Соединетите држави објавија дека ќе им понудат трета доза на сите Американци осум месеци по добивањето на втората, а истото го најавија Канада, Франција и Германија.

Речиси милион Израелци од вкупно 9,3 милиони не одлучиле да се вакцинираат, а на децата под 12 години не им е дозволено ниту тоа. Здравствените власти во четвртокот рекоа дека забележуваат пад на имунитетот кон вирусот кај оние под 40 години, иако мал број од нив развиле тешка форма на болеста.

Дорон Газит, член на експертскиот тим „Ковид-19“ на Хебрејскиот универзитет и владин советник, вели дека порастот на бројот на сериозно болни луѓе меѓу вакцинираните, над 60, е во застој во изминатите десет дена.

„Тоа го припишуваме на третата доза и повнимателното однесување“, рече Газит.

Според податоците од министерството за здравство, повеќе од половина од оние над 60 години ја добиле третата доза.

Бројот на тешки случаи меѓу невакцинираните над 70 сега е седум пати поголем отколку кај вакцинираните, и тој јаз ќе продолжи да расте во согласност со бројот на заразени, посочува Газит. За оние над 50 години, овој сооднос е четири пати поголем.

„Ние сме оптимисти, но претпазливи“, рече израелскиот министер за здравство Ницан Хоровиц во неделата.

„Тоа ни дава повеќе време, го забавува ширењето и не оддалечува од опцијата за „заклучување“.

Иако третата доза го забавува ширењето на пандемијата, малку е веројатно дека целосно ќе го запре делта-вирусот, вели Ројтерс.

Двир Аран, биомедицински аналитичар на податоци во Технион, Израелскиот институт за технологија, тврди дека додека бројките се намалуваат, потребни се други мерки за да се запре пандемијата.

„Ќе треба долго време за доволно луѓе да ја добијат третата доза, а дотогаш илјадници други би можеле да бидат сериозно болни“.

Од доаѓањето на делта-вирусот, Израел ја врати мерката за носење маски во затворени простории, ограничени собири и забрзано тестирање.

Неговата политика за „соживот со Ковид-19“ ќе биде ставена на тест во септември кога учениците ќе се вратат на училиште и кога ќе започне сезоната на еврејски празници, за време на која се собираат семејствата.

Во пресрет на почетокот на учебната година, Израел започна масовен серолошки тест на деца на возраст од 3 до 12 години за да утврди колку од нив се заразиле со коронавирус и на тој начин развиле антитела.

Слични содржини