Израел од четврток ќе почне да спроведува четиричасовни паузи во воените операции во северниот дел на Газа за да им овозможи на жителите да избегаат, објави Белата куќа, нарекувајќи го чекор во вистинската насока.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека паузите биле договорени во разговорите меѓу американските и израелските официјални лица во последните денови, вклучително и меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Кирби рече дека паузите ќе им овозможат на жителите да одат и да достават хуманитарна помош, а може да се користат и за извлекување заложници. „Израелците ни рекоа дека нема да има воени операции во тие области за време на паузата и дека процесот започнува денеска“, рече тој.
„Разбираме дека Израел ќе почне да спроведува четиричасовни паузи во делови од северниот дел на Газа со тоа што ќе ги објави три часа однапред“, рече тој. Тој оцени дека тоа е чекор во вистинската насока. „Сметаме дека ова се значајни чекори и очигледно сакаме тие да продолжат онолку долго колку што е потребно“, додаде тој.
Кирби, исто така, рече дека прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас сè уште не е на дневен ред, бидејќи тоа ќе му помогне на Хамас и „го легитимизира она што го направија на 7-ми октомври“, додавајќи дека „тоа едноставно нема да го дозволат сега“.