Израелска студија покажа дека млекото на вакцинираните мајки содржи антитела

од Stefanija Kuzmanovska
307 прегледи

Студија спроведена во Израел покажа дека има антитела во мајчиното млеко на жени вакцинирани против ковид-19.

Десет доилки, кои се вработени во болницата Ихилов во Тел Авив и се вакцинирани, се согласија да дадат примероци од нивното млеко и антитела беа пронајдени во сите примероци дури и по една доза на вакцината.

Една недела по втората доза, нивото на антитела се зголемило, објавија израелските медиуми.

Истражувачите откриле дека производството на антитела во млекото и крвта е синхронизирано и дека антителата во мајчиното млеко можат да го неутрализираат и блокираат врзувањето на вирусот со рецепторот на клетката домаќин, што е клучна способност на вакцината да ја спречи болеста.

Професорот Ариел Мани, кој ја водеше малата студија во соработка со универзитетот во Тел Авив, за јавниот сервис во Кан изјави дека резултатите се доволно значајни за да се потврди важноста за вакцинирање на жени кои дојат, надевајќи се дека тоа може да помогне и во заштитата на нивните деца.

„Значењето (на студијата) не е целосно јасно, но јасно е дека имунолошкиот одговор е доволно добар за антителата да се пренесат во мајчиното млеко, а по вторите вакцини знаеме дека има зголемување на антитела во мајчиното млеко“, рече Мани.

Д-р Јарив Вајн од Универзитетот во Тел Авив за ТВ Канал 12 рече дека „охрабрувачките податоци покажуваат дека вакцинирањето жени кои дојат поттикнува производство на важни антитела во мајчиното млеко, што може да помогне во заштитата на бебето кое е доено“.

Слични содржини