Израелската армија денеска ги засили нападите врз палестинскиот Хамас, за кој тврди дека е пред колапс во Појасот Газа, каде населението е принудено да емигрира поради воени конфликти и немање услови за живот.
Во текот на ноќта исламската екстремистичка организација Хамас соопшти дека има судири и во централниот дел на Појасот, а палестинската агенција WAFA извести дека во воздушен напад во Рафах загинале 12 лица, а десетици се ранети.
Цел на нападот беше областа Кан Јунис, новиот епицентар на борбите и Рафа во близина на границата со Египет, каде се собраа десетици илјади луѓе кои побегнале во страв од насилство.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа изјави дека Хамас е на работ на колапс и дека израелската армија ги презема нејзините последни упоришта.
„Фактот што луѓето се предаваат го забрзува нашиот успех и тоа е она што сакаме, брзо да напредуваме“, рече командантот на израелската армија Херзи Халеви и прецизираше дека ги зголемува операциите на југ и присуството на север.
Војната меѓу Израел и Хамас, која е во својот 67-ми ден, беше предизвикана од ненадејните напади на палестинските екстремисти на 7 октомври од Газа на израелска територија.
Според израелските власти, над 1.200 луѓе загинале на првиот ден од нападот, од кои повеќето цивили на југот на Израел. Повеќе од 100 војници беа убиени во последователните копнени операции.
Од 240-те заложници киднапирани на првиот ден од војната и одведени во Газа, 137 се уште се во заробеништво.