Контроверзниот израелски министер за наследството, Амихаи Елијаху, инаку ултрадесничар, порача дека Израел не би требало да се грижи за гладот во Газа, што предизвика осуди од целиот политички спектар.
Како што пишува весникот „Тајмс оф Израел“, политичарот од партијата Оцма Јехудит ги отфрла предупредувањата од ОН за гладот во Појасот Газа предизвикан од човечкиот фактор и порачал дека израелската влада „јури кон бришење на Газа“.
„Фала на Бог што го бришеме тоа зло! Цела Газа ќе биде еврејска“, изјавил Елијаху за радиото Кол Барама вчера.
„Не би требало да се занимаваме со гладот во Газа – светот нека се грижи за нив. Ниедна нација не ги храни своите непријатели. Дали потполно сме го загубиле разумот? Треба ли да се грижиме за нивната вечера?“, рекол ултрадесничарскиот министер.

Фотографија: Wikimedia Commons
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, се огради од овие изјави, велејќи дека Елијаху не е член на Советот за национална безбедност, кој решава за водењето на војната.
„Политиката на оваа влада е јасна и единствена. Неговите изјави не ја претставуваат владата“, рекол Нетанјаху со многу благ, дипломатски речник.
Според локалните здравствени власти, околу 60.000 Палестинци се убиени во Газа од октомври 2023 година, кога почна израелската офанзива. Од мај досега од глад умреле најмалку 113 жители на Појасот Газа.
📽 Трагичните последици на гладот во Газа: „Дури во градите на мајките повеќе не се создава млеко!“